Блокрањето на евроинтеграцијата на Скопје може да ја стави Софија во изолација во ЕУ и да предизвика силни антибугарски чувства во Северна Македонија, смета бугарскиот дипломат и директор на Институтот за економија и меѓународни односи, Љубомир Ќучуков.
– Јас сум скептичен кон самата идеја за блокирање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, бидејќи тоа е целосно во прилог на македонизмот и генерира многу сериозни антибугарски чувства кај нашиот сосед и ја става Бугарија во меѓународна изолација – во рамките на Европската унија и во регионот. Таквиот чекор го компромитира и приоритетот на Бугарија за време на претседавањето со Советот на ЕУ за евроинтеграција на Западен Балкан, изјави Ќучуков за БНР.
Тој смета дека со блокадата за ЕУ ќе се блокираат и релациите меѓу двете земји, што е негативен елемент, а недоразбирањата во билатералните односи се продлабочуваат со заострената политичка реторика. Решението, според него, треба да се бара преку дијалог, иако во моментов дијалогот на дипломатско ниво е исклучително тежок .
Во врска со договорите на Северна Македонија со Грција и со Бугарија вели дека се радикално различни и не можат да се прават паралели.
– Грција се обидува да докаже дека нема ништо заедничко со Република Северна Македонија, а ние се обидуваме да докажеме дека сè ни е заедничко, а тоа е процес, бидејќи станува збор за промена на свеста на луѓето, вели Ќучуков. Проблемите на Грција завршуваат со потпишувањето на договорот, а решавањето на проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија започнува со потпишување на договорот, вели Љубомир Ќучуков.