Доколку не се одржи првата меѓувладината конференција тоа ќе биде пораз за сите, и за Северна Македонија, но и за Бугарија и за самата Европска Унија, оцени бугарскиот европратеник и известувач за земјава во Европскиот парламент, Илхан Ќучук во интервију за телевизiја „Клан”.
Според него, граѓаните на Северна Македонија заслужуваат подобра иднина и членство во Унијата. Затоа тој смета дека историјата мора да ја преговараат историчарите, но политичарите се оние кои мора да внимаат на другите интегративни процеси.
– Германската канцеларка покажа дека силно ја поддржува европската интеграција на регионот. На Берлинскиот процес гледам како на олеснителен лост за решавање на проблемите. Голем поттик е што германското претседателство поттикнува ваква иницијатива. Ако не успееме, сите ќе бидеме губитници. Јас би рекол дека ќе биде тројна загуба. Загуба за Северна Македонија, загуба за Бугарија, но и загуба за Европската унија. Прво, загуба за Северна Македонија, бидејќи тие направија многу жртвувања кон европскиот пат на земјата. Би било загуба за Бугарија, бидејќи е соседна земја. Во Европската унија ни требаат сојузници и партнери кои го разбираат начинот на кој размислуваме. И, загуба и за кредибилитетот во Европската унија по толку големи чекори преземени од Северна Македонија, изјави Ќучук.
Тој нагласува дека Северна Македонија направи голем напредок во евроинтеграциските процеси.
– Јас сум оптимист затоа што Северна Македонија и Албанија навистина вложија големи напори да ги приближат граѓаните на земјата до Европската унија. Се разбира, останува уште многу да се направи кога станува збор за интеграциските реформи, но како известувач за Северна Македонија, искрено мислам дека од почетокот на годината се направени многу позитивни чекори. Изборите се одвиваа нормално, резултатот беше легитимен и владата беше формирана многу брзо по изборите. Претседателот на парламентот Џафери е подготвен да соработува со нас за дијалогот „Жан Моне”. Од многу гледни точки, политичарите од Северна Македонија покажуваат дека се подготвени за соработка и испраќаат позитивна проевропска порака до колегите од Европскиот парламент. Имав дискусија со министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој има волја да ги унапреди реформите за евроинтеграција. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат членство во Европската унија, изјави Ќучук.
Според него, лидерите на двете земји треба да покажат политичка храброст пред своите граѓани.
– Ако ме прашате дали има ризици, секогаш постојат ризици. Потпишувањето на Договорот од Преспа беше ризик за обете страни. Потпишувањето на Договорот со Бугарија беше ризик, но сега е време да се погледне подлабоко и да се постави прашањето: Дали сакате да ги видите Западен Балкан и Северна Македонија во Европската унија? Дали сме навистина семејство? Ако отсекогаш сме велеле дека сме семејство, што правиме за семејството, како го штитиме неговиот интерес?”, прашува Ќучук.
– Постои голема разлика помеѓу Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Договорот од Преспа беше договор каде врските практично се раскинуваат, се прави разликата помеѓу двете цивилизации, додека Договорот за добрососедство со Бугарија е нешто сосема друго. Не очекуваме ништо. Почнуваме да го градиме нашето пријателство засновано врз историски факти. Ова ќе трае подолго време. Ова не е крај на приказната. Тоа е тековен процес. Ние може да се навратиме на проблемите од време на време, но ова е тековен процес. Да речеме дека Бугарија ќе се врати на прашањето за 5-6 години и другите земји ќе можат да ги решаваат ваквите прашања со земјите кандидати. Значи, ќе има многу можности за решавање на вакви теми во иднина. Не можеме да очекуваме историчарите да најдат лесен одговор на толку тешко прашање. Да се зборува за историја е секогаш болно. Но, професионалците нека си ја завршат својата работа, изјави бугарскиот европратеник и известувач за земјава во Европскиот парламент, Илхан Ќучук за ТВ „Клан”.