Бајден: Нè очекува мрачна зима и најлошиот бран на пандемијата – задолжително носете маски!

Новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, денеска на Твитер објави дека веднаш по стапувањето на функција на 20-ти јануари, 2021-ва година, неговата администрација ќе започне борба против коронавирусот, без да губи време.

„Ќе ги вратиме нашите деца во безбедни училишта, ќе им овозможиме на нашите претприемачи да се развиваат и ќе овозможиме економијата повторно да се движи напред со полна брзина. Исто така, ќе обезбедиме бесплатна сертифицирана вакцина за што повеќе Американци“, објави Бајден на Твитер.

Бајден апелираше до Американците да носат маска со цел да го променат текот на пандемијата и предупреди дека на САД им претстои „многу темна зима“ и најлошиот бран на пандемијата.

„Ве молам, носете маска. Можеме да спасиме десетици илјади животи ако сите само носат маска во следните неколку месеци“, рече Бајден.

Бајден денеска го објави составот на неговиот иден анти-корона тим, работна група составена од медицински и здравствени експерти кои ќе ја водат борбата против пандемијата на коронавирусот во неговата администрација, објави Си-Ен-Ен.

Во извештајот се наведува дека работната група заеднички ќе ја водат Вивек Мурти, првиот човек на американското јавно здравје во администрацијата на Обама, експерт кој Доналд Трамп го отстрани од таа позиција и поранешниот шеф на Агенцијата за храна (ФДА) Дејвид Кеслер, објави американската ТВ мрежа. Во извештајот не се споменува името на сегашниот шеф на работната група за борба против коронавирусот, д-р Ентони Фаучи.

Треба да знаете
Последни објави