Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, вели дека бугарските
услови кон Македонија не се сменети со години и е зачудена што тие за јавноста делуваат како да
се нови.
„Да, ќе ја носиме нашата одговорност, ние сме навикнати да ја носиме нашта одговорност. Би
сакала и колегите во Скопје да ја носат нивната одговорност“, одговори Захариева на прашањето
дали Бугарија е подготвена да ја носи одговорноста за странските влијанија во регионот,
по бугарското вето.
За Захариева, ова е шанса која Скопје не треба да ја испушти.
„Бидејќи имаме германско претседателство во моментот и Германија е една од земјите основачи,
не се многу такви, кои го поддржуваат проширувањето и посебно за земјите од Западен Балкан“, вели Захариева.
Таа претходно ги набројуваше сите негативни изјави што се објавуваат во Македонија, за да ги убеди тие во ЕУ дека кај нас системски се поттикнува говорот на омраза кон Бугарија и дека тоа е силен аргумент да ја блокира Македонија.
-Мислам и верувам дека Договорот за добрососедство од 2017 година, ако се исполнува со добра волја и совесно и ако не се бараат начини за заобиколување на неговите точки, ги има сите гаранции да се решат отворените прашања. За жал тоа не го гледаме некое време и неколкупати сигнализиравме за тоа и зборувавме со колегите од СРМ. Само последните месеци имаше повеќе од десет илјади негативни публикации со говор на омраза кон Бугарија и тие не треба да продолжат. Бугарија биле и ќе биде една од државите кои ќе ги поддржуваат земјите од Западен балкан, но и тие треба да имаат своја одговорност и да се насочат кон реформи. Не треба во ЕУ да бидат пренесени проблеми од надвор.Му благодарам на Хајко Мас и неговиот тим што се обидуваат да помогнат, но ние како земји треба со добра волја да ги движиме отворените прашања напред за да други министри по 30 години не го доживуваат тоа што го доживуваме ние, рече Захариева.
Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, останува на ставот дека Договорот
за добрососедство е одлична рамка за изноѓање на заедничко решение за спорот со Бугарија.
„Јас сум лично оптимист, вложивме многу и двете земји. Сме премногу блиску, за да не изнајдеме
заедничко прифатливо решение“, вели Османи.
Според Османи, сите се свесни за влогот во овој процес и за последиците од неуспехот.
На виртуелната прес конференција, присутен беше и германскиот министер Хајко Мас кој им
честиташе на двете земји за одличната тимска работа при подготвувањето на Берлинскиот
процес.