Северна Кореја се уште молчи во врска со победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД, објави јужнокорејската агенција Јонхап.
Како што се наведува, Пјонгјанг и понатаму внимателно ги следи случувањата без коментари, додавајќи дека лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун одржува блиски пријателски односи со американскиот претседател Доналд Трамп, со кого во последните две и пол години се сретнал трипати.
Севернокорејските медиуми, вклучувајќи ги „Родонг Синмун” и КЦНА се уште се без коментар, а Јонхап наведува дека Пјонгјанг би сакал Трамп повторно да ги добие изборите, имајќи предвид дека Бајден за време на предизборната кампања се изјасни дека не сака дипломатски односи со Ким.
Јужнокорејската агенција потсетува дека севернокорејските медиуми во 2012 година, кога на изборите победи Барак Обама, веста ја објавиле дури четири дена подоцна, додека во 2016 година победата на Трамп била пренесена по два дена.