Трошоците на животот во октомври 2020 година, во однос на претходниот месец, имаат раст од 0,1 отсто, цените на мало намалување за 0,5 отсто. Во однос на октомври лани трошоците на живот бележат рат од 2,1 отсто, а цените на мало од еден отсто, објави Државниот завод за статистика.
Според објавените податоци пораст на индексите на трошоците на животот во октомври 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај цигарите за 5,2 отсто, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 4,2 отсто, маслото и маснотиите за 3,7 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,9 отсто и виното за 0,2 отсто. Во октомври, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај обувките за два отсто, накитот, часовниците и рачните часовници за 1,6 отсто, парамедицинските услуги, градините, растенијата и цвеќињата за 1,5 отсто, гасот за домаќинствата, цврстите горива за 1,4 отсто, одржувањето и поправките на сопствените превозни средства, информатичката опрема за обработка на податоци за 1,1 отсто, игрите, играчките и хобијата, услугите за култура за 0,3 отсто.
Намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 4,7 отсто, рибата и морските плодови за 0,7 отсто, прехранбените производи, неспомнати на друго место за 0,5 отсто, месото за 0,4 отсто и пивото за 0,2 отсто.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 8,4 отсто, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за три отсто, течните горива за домаќинствата за 0,8 отсто, малите електрични апарати за домаќинствата, моторните возила за 0,6 отсто, книгите за 0,4 отсто, текстилот за домаќинството, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,3 отсто, мебелот и покуќнината, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, другите услуги за опрема за сопствен превоз, медиумите за снимање, домашните миленици и сродните производи за 0,2 отсто.