Уставен суд: Објавени се неосновани и непримерени квалификации за уставните судии

Судот мора со жалење да констатира дека во голем број дел од денешните објави на медиумите, беа изнесени неосновани и непримерени квалификации за органот и уставните судии, се вели во  соопштението на Уставниот суд во врска со денешните објави од повеќе медиуми по однос на последното дополнување на Деловникот на Уставниот суд.

Притоа, како што е наведено во соопштението, најголем дел од вестите беа објавени без претходно да се побара било какво објаснување, туку истото беше побарано откако медиумите ја објавија веста.

Од Судот велат дека наскоро ќе објават посебно соопштение со кое ќе ја образложат оваа деловничка интервенција.

Некои медиуми објавија дека уставните судии на 22 октомври сами си изгласале додатоци во висина до 35 отсто од месечната плата за да бидат исти како судиите и обвинителите, но направиле преседан. Додатоците си ги вметнале во Деловникот за работа на Уставниот суд, место Парламентот да им ги изгласа со закон.

Откако беше објавена веста дека уставните судии сами си изгласале додатоци за плата преку измени во Деловникот за работа, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска денеска рече дека нешто што треба да се уреди со закон не можат судиите да го направат преку Деловникот за работа.

– Она што сега можам првично да кажам е согледување на фактите. Факт е дека треба закон за работење на Уставниот суд. Факт е дека Уставниот суд работи по Деловник од 1991 или 1992 година, многу стар. Факт е дека неодамна, при крајот на октомври, Уставниот суд го променил Деловникот, земајќи одредби од Законот за судовите додал тука уште една одредба со која се дефинираат овие права. Но, факт е дека во Уставот стои дека со Деловникот на Уставниот суд се уредува начинот на постапување со нивните предмети, а не се уредуваат правата за нивен посебен додаток. Не може со Деловник да се уредува нешто што треба да се уреди со закон, рече Ивановска на прес-конференција.

На ова реагираа од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека покачувањето на плата на уставните судии преку додаток на плата од цела 1/3 е незаконски и ништовно, но и крајно неморално во услови кога цела држава кубури со пари, заболените од Ковид немаат средства за лекување и затоа умираат, а илјадници родители немаат пари да им купат лап топ компјутери на своите деца за да ја следат наставата. 

Треба да знаете
Последни објави