Ферари планира да користи комплетно нов мотор следната сезона во Формула 1, во обид да се врати во борбата со конкурентите од врвот, а неговиот директор Матија Биното изјави дека „првите знаци се многу ветувачки”.
По промената на правилата во врска со моторот на крајот од минатата сезона, Ферари стана еден од најбавните од најбрз тим на патеките оваа година и во моментов е шести на табелата кај конструкторите со 103 бодови.
– Во моментов немаме најдобар мотор. Мислам дека ќе имаме сосема нов мотор следната година. Како Ферари, инвестиравме многу во понатамошен развој на погонскиот систем за 2021 година, па дури и повеќе за 2022 година. Мислам дека информациите за перформансите и сигурноста досега се многу ветувачки, рече Биното, јави Скај.
– Треба да бидеме поефикасни во начинот на кој планираме, креативни во начинот на тестирање. Според она што го гледам, задоволен сум од резултатите, додаде директорот на италијанскиот тим.
Возачот на Ферари, Шарл Леклер во моментов е петти во поредокот со 85 поени, а четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел е на 14 место со 18 поени.
Карлос Саинц ќе вози за Ферари следната сезона наместо Фетел.