Хидроксихлорокинот е корисен против коронавирусот исто колку и плацебо

Голема клиничка студија, координирана од Универзитетот во Вашингтон, откри дека пациентите кои земале хидроксихлорокин имаат веројатност да развијат Ковид-19 исто како и оние кои не земаат ништо, што е уште еден доказ дека лекот, кој често го промовираше американскиот претседател Доналд Трамп, нема никакво влијание врз коронавирусот.

Речиси 800 волонтери учествуваа во истражувањето, кое беше финансирано од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс со 9,5 милиони долари.

Сите учесници во студијата имале член на семејство или близок контакт кој бил позитивен на коронавирусот.

По случаен избор било утврдено кој од нив 14 дена ќе прима хидроксихлорокин, а кој плацебо.

Волонтерите биле тестирани секој ден.

Во групата што примала дневна доза хидроксихлорокин, се заразиле 46 лица, а во другата 43.

Разликата е статистички незначителна, што значи дека лекот немал ефект, изјави шефицата на истражувањето Руан Барнабас.

Со истражувањето, исто така, не се пронајдени докази дека хидроксихлорокинот ги ублажува симптомите на болеста.

И претходните истражувања покажаа дека лекот, првично наменет за лекување на маларија, не бил корисен за пациентите кои завршиле во болница поради Ковид-19, ниту спречил зараза кога се користел како профилакса.

Светската здравствена организација (СЗО) и Националниот здравствен институт на САД (НХИ) и претходно ги суспендираа клиничките испитувања на лекот за Ковид-19 бидејќи се покажа како неефикасен.

– Ова е уште една студија што потврдува дека, едноставно кажано, хидроксихлорокинот нема никаква улога во превенцијата и третманот на Ковид-19, заклучија научниците.

Треба да знаете
Последни објави