„Воведуваме забрана за изградба на нови мали хидроцентрали во заштитени подрачја и национални паркови.“ Кога?!

Интегрален текст од соопштението на невладината ФРОНТ 21/42

„Насловот на текстот е цитат од Програмата за работа на Владата 2020-2024.

Деновиве се одвива последната фаза од усвојувањето на новиот Закон за прогласување на дел од Шар планина за национален парк – закон кој е „скроен“ да овозможи реализација на плановите за мали хидроцентрали на територијата на подрачјето кое го заштитува.  Доследност не е јака страна на нашата Влада.

Предлог-законот за Шара, не е само дијаметралната спротивност на еден од „клучните приоритети“ на нашата Влада, истиот изобилува со законски прекршувања. Закон чија основна цел е да ја заштити природа, а истата ја зонира за потреби на реализација на проекти за мали хидроцентрали – е закон кој озаконува прекршување на закони.

Наведуваме мал дел од нашите коментари во однос на Предлог-законот:

  • Непочитување на Националната стратегија за води и прекршување на Законот за води.

Националната стратегија за води налага „Развивање на катастарски локации за изградба на мали хидроцентрали, која ќе содржи конечна листа на локации каде да се изгради мала хидроцентрала водејќи сметка за животната средина, пределот и другите критериуми“. Законот за води (член 62, став 5) налага задолжително почитување на определбите во Националната стратегија за води.

Катастерот не е развиен. Во негово отсуство се носи закон за национален парк (!) кој овозможува изградба на мали хидроцентрали.

Бараме: наместо зонирање кое се прилагодува на хидроцентрали во паркот, во согласност со Законот за води, да се вметне член кој ќе обезбеди почитување на планираниот катастер со дозволени локации за МХЕЦ, како и стопирање на секакви активности за реализација на проекти за мали хидроцентрали, се до изработката и усвојувањето на овој катастер;

  • Прекршувања на матичниот Закон за заштита на природата, непочитување на Националната стратегија за заштита на природата и СОВЖС Извештајот за Националната стратегија за развој на енергетиката.

Член 4, став 5 (цели на Законот за заштита на природата): „спречување на штетните активности на физички и правни лица и нарушувања во природата како последица на технолошкиот развој и извршување на дејности, односно обезбедување на што поповолни услови за заштита и развој на природата“

Член 7 (начела на кои се темели заштитата на природата): став 4. „Начело на претпазливост – доколку врз основа на современи научни и техничко-технолошки сознанија се заклучи дека одредена активност или вршење на дејност би предизвикала штетни последици за природата ќе се преземат потребните мерки и активности и пред да се добијат научни докази дека штетните последици би можеле да настанат“; став 5. „Начело на превенција – право и обврска на правните и физичките лица е да преземаат мерки и активности за заштита на природата пред да настанат штетните последици“;

Член 12: Забрането е користење на природата на начин кој предизвикува: 1) оштетување или уништување на биолошката и пределската разновидност; 2) деградација на почвата и губење на нејзината плодност; 3) оштетување на површинските или подземните геоморфолошки вредности; 4) загадување и промена на режимот на водата и 5) загадување на воздухот;

Член 72 (кој ја дефинира смислата и причината поради која се прогласува национален парк): став (1) Националниот парк е просторно природно подрачје на копно или вода кое опфаќа еден или повеќе сочувани или незначително изменети екосистеми, со особени повеќекратни природни вредности, кое се воспоставува заради заштита на еколошките процеси, како и на видовите и екосистемските карактеристики комплементарни на подрачјето.; став 2) Прогласувањето и заштитата на националниот парк обезбедува основа за зачувување на изворното природно и културно богатство.

За негативното влијание на малите хидроцентрали врз природата постојат многу експертски анализи и оцени, вклучувајќи ги и анализите и препораките во клучните стратегии:

Во Националната стратегија за заштита на природата на стр. 96 во анализата на „Закани и предизвици за хидролошките вредности“, влијанието на малите хидроцентрали, особено кумулативното влијание, се оценува со „Голем степен на закана“;

Во Извештајот за СОВЖС на Енергетската стратегија се наведува: „Mоже да се констатира дека според бројот на планирани локации овие инфраструктурни објекти (МХЕЦ) за користење на водите се голема закана за природата. Уште повеќе ако се има предвид дека економските придобивки се многу мали не само за населението,туку и стопанството. Имено, сите мали ХЕЦ се планирани на мали притоки, најчесто во горните делови на нивните сливови,каде што протоците се мали, а ранливоста на природниот терен и екосистемите многу голема. Уште повеќе, ако се има предвид ниската еколошка свест за имплементација на мерките за заштита и реставрација на речните корита и нивните сливови, може да се констатира потребата од преиспитување на можните локации за изградба на мали ХЕЦ и зајакнување на контролата за издавање на концесии.„ (стр.77) „При изработката на Програмата за спроведување на Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година се препорачува при изборот на конкретни проекти да се изостават националните заштитени подрачја, како и подрачјата предложени за заштита (национална мрежа на заштитени подрачја, Емералд, Натура 2000).“ (стр. 136))

Спротивно на законските одредби, овој Предлог -закон не ги зема во предвид фактите за негативното влијание на малите хидроцентрали и препораките изнесени во клучните релевантни студии, стратегии, извештаи за влијание, итн. Наместо да спречи и превенира – овој закон озаконува изградба на хидроцентрали, односно идна деструкција на паркот кој го прогласува за заштитено подрачје.

Бараме: Министерот за животна средина, во согласност со член 67 од Законот за заштита на природата да го стави идното заштитено подрачје-национален парк Шар планина во режим на привремена заштита, а Нацрт-законот да се ревидира целосно, со цел истиот да овозможи спроведување (а не спречување) на Законот за заштита на природата и исполнување на препораките од СОВЖС Извештајот за Енергетската стратегија.

  • Прекршување на Упатството за спроведување на проценката на влијанието на прописот врз животната средина

Во пропратната документација на Нацрт-законот на ЕНЕР е објавен и Нацрт-извештај за проценка на влијанието на овој пропис врз животната средина. Истиот не е во согласност со член 12 ст.2 од Упатството за спроведување на проценката, кој наметнува обврзно разгледување на најмалку 3 алтернативи на прописот. Нацрт-извештајот содржи само 2: алтернатива без и со законот.

Бараме ревизија на Нацрт-извештајот за влијание врз животната средина, со цел истиот да биде усогласен со Упатството (член 12, став 2), односно да ги содржи законски обврзните 3 можни решенија. Бараме, како трета алтернатива на Законот, да се разгледа верзија која не содржи членови кои овозможуваат изградба на нови хидроцентрали на територијата на идното заштитено подрачје.

Ова е кус преглед на дел од нашите коментари. Процесот на консултации со јавноста трае до 15 ноември 2020 година, сите граѓани имаат можност да испратат коментари на infoeko@moepp.gov.mk и да спречат да се усвои закон кој ќе овозможи продолжување на деструкцијата на Шара со мали хидроцентрали.

Да го принудиме Министерството за животна средина да го почитува Законот за заштита на природата!

Да ја принудиме Владата да си ги почитува сопствените приоритети и наместо да ја продолжува политиката на поддршка на мали хидроцентрали во заштитени подрачја – навистина да воведе забрана за истите!

Треба да знаете
Последни објави