Треба да навикнеме дека од денот кога ќе ги почнеме преговорите секоја година, а можеби и трипати во годината кога има самит, ќе бидеме под тензија дали ќе се постигне консензус на 27 држави за еден чекор, бидејќи прашањата на проширување во ЕУ се носат со консензус. Мора да се навикнеме дека така ќе биде секој ден до полноправното членство, порача вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи и додаде дека денешните разговори во Софија се добра основа да се продолжи понатаму за надминување на недоразбирањата што ги имаме со Бугарија.
Османи во емисијата 24 анализа на ТВ 24 посочи дека се уште е неизвесно дали во декември ќе ги почнеме преговорите за членство во Европската Унија и дали Бугарија ќе го искористи своето право на вето.
-Одлуката се носи на Совет на министри за европски прашања и надворешни работи којшто требаше да биде на 10 ноември, меѓутоа е одложен од Претседателството првично на 17 ноември и со тоа се добиваат дополнителни денови за усогласување помеѓу земјите членки по однос на текстот на рамката. Не можам да прејудицирам сто проценти во моментов каква ќе биде одлуката на 27 земји членки. Тоа што знам е дека ние ќе работиме до последната минута од последниот ден за да можеме да испорачаме. Денеска во Софија имавме отворен и конструктивен разговор по однос на сите прашања, отворено за сите загрижености и чувствителности на двете страни по однос на процесот, очекувањата, постигнувањата, можностите, проекциите, алтернативите, опциите итн. И мислам дека беше добра основа да се продолжи понатаму, рече Османи.
Нашата цел, додаде, е преку упорна работа, преку предвидлива стратегија да стигнеме до решение кое ќе го отвори патот и ќе ги зближи двете држави во понатамошниот процес. Потенцираше дека Германското претседателство работи принципиелно за да се најде решение внимавајќи на чувствителноста кон двете страни.
-Како земја кандидат чувствуваме сериозна поддршка од Германското претседателство и тоа не охрабрува да не ја пропуштиме шансата. Германското претседателство сериозно го има в предвид нашиот регион, рече Османи.
Министерот Османи потенцираше дека во Софија се разговарало и за барањата на бугарската страна и додаде дека тие сметаат оти работата на комисиите не била доволна за да кажат дека даваат резултат.
-Разговаравме отворено. Остануваат овие денови да се искористат меѓусебната комуникација помеѓу групите. Направивме пресек на тоа што е постигнато. Сепак, има одредени исчекори напред во надминување на загриженостите. Зборувавме за достоинствени разговори помеѓу двете држави. Продолжуваат преговорите до последната минута пред одржувањето на самитот. Претпоставувам дека очекувате јас денеска да влегувам во детали. Нема да помогнам бидејќи реков ова е работа која што е во тек и можеме негативно да влијаеме, а многу ни е важна на сите, истакна Османи.
Според него, неопходно е да има внатрешна кохезија во земјава за да се реши едно комплексно прашање како што е ова и додаде дека смета оти и опозицијата треба да биде вклучена.Посочи дека е отворен за средби со кој било од опозицијата за да каже до каде се преговорите. Сепак, истакна дека се уште не одлучил дали ќе учествува на седницата на собраниската Комисијата за надоврешни прашања во четврток за односите со Бугарија.
-Не сум сигурен дали е зрел моментот да се искажува јавно мислење, рече Османи.
Како квантен скок ја оцени веќе постигнатата заемна согласност за пет историски периоди и три личности и додаде дека претходно во изминатите 70 години не бил постигнат договор ниту за едно прашање.За Гоце Делчев рече дека треба да одлучуваат историчарите што е прифатливо за двете страни, а не политичарите.
Прашан дали некој германски експерт би можел да се вклучи во работата на комисиите, Османи нагласи дека таква помош би била добредојдена, дека за тоа веќе е разговарано, експерти кои имаат искуства од слични искуства или спорови, како германско – полскиот, или германско-чешкиот, но засега нема консензус за тоа.
За ставот на Каракачанов дека земјава има ултиматум до петок да ги прифати бугарските барања, министерот за надворешни работи рече дека предизборната атмосфера е посилна од политичарите и потенцира дека нема таков рок. Следниот рок, како што кажа, е 17 ноември кога е седницата на Советот на министри, а доколку дотогаш не се реши проблемот останува тоа да се направи до декември.