Повторно над 2.000 нови случаи на Ковид-19 во Грција, почина 41 лице

По два дена со помалку од 2.000 новозаразени, во Грција денеска повторно е регистриран висок број на нови случаи на Ковид-19, вкупно 2.384, додека пак почина 41 лице, јави дописничката на МИА од Атина.

Од ден на ден, во земјата се зголемува и бројот на пациенти приклучени на апарати. Денеска се 263, односно 24 повеќе од вчера.

Министерот за здравство Василис Кикиљас, попладнево, на прес конференција презентираше податоци според кои досега во Грција се направени два милиони тестови (ПЦР и рапид).

Во март се правеле во просек 982 тестови дневно, во август 11.366, а во ноември 22.429 тестови дневно.

Кикиљас особено се задржа на ситуацијата во Солун, каде што рече дека има голема раширеност на вирусот меѓу граѓаните, а 32 отсто од направените тестови се позитивни.

И од денешните нови случаи, најголемиот дел (652 новозаразени) се во Солун, а 588 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Од почетокот на епидемијата, во Грција се регистрирани вкупно 60.570 случаи на Ковид-19, а починаа 866 лица.

Треба да знаете
Последни објави