Тинејџер од Бангладеш уапсен како можен соработник на терористот од Виена

Австриската полиција привела 18-годишно момче од Бангладеш под сомнение дека тој е можен соучесник во терористичкиот напад во Виена, во кој минатата недела беа убиени четири лица, пренесува „Кронен цајтунг“.

Истикак А. е едно од десетте лица на возраст од 16 до 24 години уапсени по терористичкиот напад минатиот понеделник, во кој радикалниот исламски терорист Кујтим Ф.  уби четири лица во централниот дел на Виена.

Уапсениот тинејџер претходно бил уапсен и обвинет во октомври за поврзаност со терористичката група Исламска држава од март 2018 година и се наведува дека го поддржувал убиецот од Виена Кујтим Ф.

Според истражителите, се вели дека момчето ширело разни пропагандни материјали на Исламска држава преку Интернет, вклучително и песни кои повикуваат на насилен џихад против „неверниците“. Неговата можна вмешаност во терористичкиот напад во Виена е сè уште под истрага.

Апсењето на тинејџерот, заедно со уште деветмина, доаѓа како дел од пошироката акција против радикалните исламисти од страна на австриската влада предводена од канцеларот Себастијан Курц.

Минатата недела владата изврши рација и распушти две џамии во Виена поврзани со радикални исламистички идеологии, од кои едната се вели дека била директно поврзана со Кујтим Ф. и можеби имала улога во неговата радикализација.

Во понеделникот, истражителите извршија големи рации на повеќе од 60 адреси поврзани со радикални исламисти, а министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер, изјави дека целта на рациите е „отсекување на корените на политичкиот ислам“.

Во регионот на Штаерска, според локалното обвинителство, се спроведуваат истраги против повеќе од 70 осомничени и против неколку здруженија за кои се сомнева дека припаѓаат и ги поддржуваат терористичките организации Муслиманско братство и Хамас.

Грац беше познат како жариште на радикалниот ислам во последните години и беше обележан како упориште на исламистите во 2017 година од страна на експертите кои тврдеа дека 11 од 20 џамии во градот имале исламистички врски.

Треба да знаете
Последни објави