Од денеска во сите вакцинални пунктови при Здравствениот дом Скопје почнува вакцинацијата со бесплатната вакцина против грип за сите ризични групи. Ова е трета година по ред како обезбедуваме соодветна количина бесплатни вакцини против сезонски грип за ризични групи: граѓани над 65 години, трудници, здравствените работници, деца на возраст до пет години, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по посетата на пунктот за брзи тестови во поликлиниката „Јане Сандански”, а по повод отпочнување на вакцинацијата за сезонски грип.
Тој рече дека вакцината против сезонски грип денеска е дистрибуирана и во здравствените домови во Велес, Неготино и Кавадарци, а утре и задутре и во сите други здравствени домови ширум државата, каде веќе се отвораат термини за закажување преку системот „МојТермин”.
Директорот на Здравствениот дом Скопје, Виктор Исјановски рече дека во моментот добиле 2500 вакцини, а ќе добијат и дополнителни количини.
-Тие се веќе распределени од утрово во шест вакцинални пунктови, што почнуваат со работа од 14 часот, за да нема мешање здрави лица со болни. Вакцинирањето се одвива од 14 до 19 часот, додаде д-р Исјановски.