Милошоски пак закажа расправа за Бугарија во собраниската Комисија

Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, закажа нова седница за „утврдување национален став за македонските ЕУ-интеграции, наспроти позициите на официјална Софија…“, откако минатата седмица не можеше да обезбеди кворум за расправа на оваа тема, ниту присуство на поканетите министри Никола Димитров и Бујар Османи.

Седницата е закажана за четврток во големата сала „Борис Трајковски“ во Собранието, така што Милошоски забележа на Фејсбук дека е сигурен дека ќе се почитуваат сите здравствени протоколи и дека поканетите министри ќе се чувствуваат сигурно, алудирајќи на објаснувањето на Димитров зошто минатата седмица на присуствувал на комисиската седница, на која не дојдоа ниту пратениците од мнозинството.

– Со вчерашен допис до пратениците и ресорните министри закажана е Комисијата за надворешна политика за во четврток во 11ч. Темата е Македонија-Бугарија, која предизвикува огромен политички и медиумски интерес, и граѓаните со право очекуваат плодна дискусија и јасен став по ова битно прашање. Затоа сметам дека пратениците во Собранието, заедно со владата, мора да утврдат заеднички став и национални црвени линии наспроти меморандумот на Бугарија, кој претставува историски анахронизам, спротивен на европските повелби за човекови права.
Достоинството и самобитноста на македонскиот народ е европска културна, книжевна и јазична вредност и затоа ЕУ треба да отвори преговори за членство без дополнителни уцени!
За службите во Собранието и пратениците сигурен сум дека на седницата ќе ги спроведат и почитуваат сите здравствени протоколи, за да можат поканетите министри да се чувствуваат сигурно, напиша Милошоски на Фејсбук.

Треба да знаете
Последни објави