Самитот во рамките на Берлинскиот процес во Софија покажа дека има само еден пат за Западен Балкан, а тоа е патот кон ЕУ, рече министерката за ЕУ во австриската влада, Каролина Едстадлер.
Таа изјави дека договорот за заеднички регионален пазар со зелен коридор во правец на ЕУ и во однос на стандардите на Унијата, е огромен чекор напред. Таа исто така го пофали договорот за „Зелената агенда”.
Едстадлер, исто така, изрази уверување дека наскоро ќе се постигне договор во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија.
„Убедена сум дека ќе успее, особено сега по овој Самит”, рече министерката која го претставуваше австрискиот канцелар Себастијан Курц на виртуелниот состанок во Софија.
Таа го оцени како историско тоа што премиерите на Северна Македонија и Бугарија беа ко-претседавачи на конференцијата, нагласувајќи дека тоа покажува дека тие се на добар пат да ги отстранат сите отворени прашања за да може да започне пристапниот процес.