Претседателот на Ерменија не знаел за крајот на војната, дознал сè од медиумите

Ерменскиот претседател Армен Саркисјан објави дека започнал консултации со премиерот за ситуацијата по потпишувањето на примирјето во Нагорно-Карабах.

Сепак, додава тој, на негово жалење, никој не го прашал за мировниот договор, ниту се консултирал со него.

„Земајќи ја предвид загриженоста на повеќето луѓе заради новонастанатата ситуација, јас веднаш започнав политички консултации“, рече ерменскиот претседател, пренесе „Ројтерс“, повикувајќи се на „Арменпрес“.

Ерменскиот претседател рече дека ќе одвои 10 дена за консултации.

„Се надевам дека ќе формираме државно единство во рок од 10 дена, за да бидам сигурен дека ја направив вистинската работа за земјата“, рече Саркисјан.

Ерменскиот претседател рече дека дознал за примирјето во Нагорно Карабах од медиумите.

„Слушајќи ги медиумите, дознав дека постигнавме договор со претседателите на Русија и Азербејџан да ги прекинеме конфликтите во Нагорно Карабах. Исто така, дознав од новинарите за условите за крајот на конфликтот”, рече тој.

Саркисјан вели дека жали што никој не се консултирал со него.

„Никој не разговараше со мене, на крајот на краиштата, јас сум претседател на Ерменија и не учествував во никакви преговори“, нагласи тој.

Крајот на конфликтот во Карабах е прашање од национално значење, додаде ерменскиот претседател.

Треба да знаете
Последни објави