Уставните судии незаконски и скандалозно изгласаа додатоци во висина до 35 отсто од месечната плата, во услови кога Владата апелира дека сите треба да се солидаризираат во кризата со мерки на штедење, реагираат од Левица.
-Согласно член 113 од Уставот на РМ, со Деловникот на Уставниот суд се уредува работата и постапката пред Уставниот Суд. Тоа значи дека со Деловникот се уредува постапувањето на Уставниот суд при оценување на уставноста и законитоста на прописите и другите општи акти, како и структуралната поставеност на судот. Секоја интервенција во Деловникот (измена и дополнување) која излегува од уставно зададената рамка за дозволен опфат по автоматизам значи дека е противуставна таквата интервенција. Бидејќи судиите на Уставниот Суд ги избира Собранието на РМ и тие преставуваат посебна, четврта власт регулирана со посебна глава во Уставот, надоместоците на нивните плати може единствено да биде уредена согласно нов закон донесен од Собранието на РМ и никако поинаку, велат од партијата.
Според Левиц, ваквата безобѕирност и самоволие од страна на Уставните судии, да самоиницијативно и неуставно си ги зголемат платите, на површина го исфрла нивниот кредибилитет и нивното правно незнаење.
-Овој потег е само продолжение во низата фијаска на слабиот персонален состав на уставни судии, кои единствено се продолжена рака на неуставните политики на владејачкиот режим во услови на окупирана демократија, велат од Левица.