Германија се надева дека Северна Македонија и Бугарија ќе пронајдат заеднички јазик за нивниот спор и оти во тој процес ќе бидат земени предвид барањата на двете страни. Од друга страна, Бугарија порача дека Скопје треба да го искористи еднонеделното одложување на состанокот на Советот на ЕУ за разговори за надминување на спорот, додека македонските власти очекуваат сериозна поддршка од денешниот Самит во Софија за одржување на меѓувладината конференција меѓу земјава и ЕУ.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, на заедничка прес-конференција со неговите колеги од Скопје и Софија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, по министертскиот состанок во рамки на Берлинскиот процес, порача дека Германија како претседавач со Европската Унија се надева дека Северна Македонија и Бугарија ќе пронајдат заеднички јазик за нивниот спор и оти во тој процес ќе бидат земени предвид барањата на двете страни, потенцирајќи дека станува збор за билатерално прашање и оти решението мора да го најдат засегнатите земји.
– Во смисла на продолжување на процесот за интегрирање на Северна Македонија и Албанија во ЕУ морам да забележам дека кандидатот не треба да има нерешени прашања од каков било вид, било да се политички прашања или некакви историски настани во регионот. Таа земја ќе мора да разговара со земјата членка со која има проблем и ќе мора да најдат решение, нагласи Маас, додавајќи дека колку подолго опстојуваат овие проблеми ќе биде тешко да се организира процесот на проширување на ЕУ и одржувањето на меѓувладината конференција.
Тој истакна дека Советот на ЕУ напорно работи да се овозможи следниот чекор на проширувањето, но дека треба да има разбирање и за Бугарија и да го земе предвид нејзиниот интерес.
Неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, пак, призна дека нејзината земја ќе ја сноси одговорноста доколку земјава не започне преговори со Европската Унија, но нагласи дека Скопје треба да го искористи еднонеделното одложување на состанокот на Советот на ЕУ за разговори.
– Нашите услови не се сменети повеќе години. Мене ме чуди дека тоа е нешто ново за вас. Да ќе ја сносиме нашата одговорност, но многу би сакала и колегите од Скопје да ја имаат нивната одговорност и да ја сносат, бидејќи имаме германско претседателство во моментов, а тоа е една од земјите основачи. Не се многу такви, треба тоа да го потенцирам, кои го поддржуваат проширувањето, посебно за земјите од Западен Балкан. Милам дека е шанса што Скопје не треба да ја пропушти, рече Захариева.
Таа посочи дека Софија и Скопје веќе еден месец се обидуваат интензивно да разговараат, но и дека аспектот на добрососедските односи спаѓа во хоризонталните критериуми.
– Тоа е со цел кога ќе седнеме на една маса во ЕУ да нема отворени прашања помеѓу државите членки… Јас сум убедена дека не само за Бугарија, добрососедските односи се хоризонтален критериум и тие се многу важен критериум, истакна бугарската министерка за надворешни работи.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, од своја страна, нагласи дека фокусот на земјава во овој период е да продолжиме да го почитуваме Договорот за соработка со Бугарија и инструментите на Договорот, но дека правата што произлегуваат од самоопределување се суверени права на државите и не се прашања што се регулираат во билатералните односи, бидејќи државите сами одлучуваат какво ќе биде внатрешното уредување и кои ќе бидат нивните идентитетски атрибути.
– Веруваме силно дека преговарачкиот процес не е само чист бирократски процес, туку процес што се води од универзалните вредности и принципи на ЕУ, а тие се заедничката иднина, за сметка на заедничкото минато и оттука сметам дека доколку овие принципи не би постоеле во ЕУ, ЕУ денеска не би постоела, изјави Османи, додавајќи дека Договорот за добрососедство е одлична рамка за надминување на разликите што постојат помеѓу двете држави во однос на сите прашања.
Османи изрази надеж дека ќе биде послушан повикот за разум за надминување на отворените прашања меѓу двете земји.
– Не е тајна дека и покрај вложениот труд, како и интензивираната дипломатска активност и комуникација нашите две земји се уште имаат одредени предизвици да најдат заедничко разбирање кое ќе помогне во усогласување на преговарачката рамка, која е предмет на дискусија во Брисел, како и разликите во очекувањата во нашите заемни односи. Јас сум оптимист, заедно имаме вложено многу. Сметам дека имаме пријатели кои не поддржуваат и помагаат, имаме заемен интерес да живееме во европски регион и на крај ние сме многу блиску за да не успееме да најдеме решение, рече Османи.
Премиерот Зоран Заев во обраќањето по потпишувањето на Меморандумот за соработка во услови на Ковид-19 со Албанија и Србија, изјави дека очекува од Самитот во рамки на Берлинскиот процес, што денеска ќе се одржи во Софија, уште еднаш да биде испратена пораката за отворањето на првите поглавја, односно за одржувањето на првите меѓувладини конференции на ЕУ со земјава и со Албанија.
– Очекувам сериозна поддршка за европскиот пат на сите шест земји членки од Западен Балкан кои сме кандидати и сакаме да бидеме побрзо полноправни членки на ЕУ. И секако очекувам дека Берлинскиот самит утре ќе ја испрати уште еднаш пораката на почеток на преговорите односно отворањето на првите поглавја односно одржувањето на првите меѓувладини конференции на ЕУ со Република Албанија и со Република Северна Македонија, истакна вчера Заев.
Бугарскиот европратеник и известувач за земјава во Европскиот парламент, Илхан Ќучук смета дека доколку не се одржи првата меѓувладината конференција со земјава, тоа ќе биде пораз за сите, и за Северна Македонија, и за Бугарија и за самата Европска Унија.
– Ако не успееме, сите ќе бидеме губитници. Јас би рекол дека ќе биде тројна загуба. Загуба за Северна Македонија, загуба за Бугарија, но и загуба за Европската унија. Прво, загуба за Северна Македонија, бидејќи тие направија многу жртвувања кон европскиот пат на земјата. Би било загуба за Бугарија, бидејќи е соседна земја. Во Европската унија ни требаат сојузници и партнери кои го разбираат начинот на кој размислуваме. И, загуба и за кредибилитетот во Европската унија по толку големи чекори преземени од Северна Македонија, изјави Ќучук.
Тој смета дека Северна Македонија направи голем напредок во евроинтеграциските процеси и граѓаните на земјава заслужуваат подобра иднина и членство во Унијата.
Говорејќи за билатералните односи, Ќучук нагласи дека постои разлика меѓу договорите што земјава ги склучи со Грција и со Бугарија.
– Договорот од Преспа беше договор каде врските практично се раскинуваат, се прави разликата помеѓу двете цивилизации, додека Договорот за добрососедство со Бугарија е нешто сосема друго. Не очекуваме ништо. Почнуваме да го градиме нашето пријателство засновано врз историски факти. Ова ќе трае подолго време. Ова не е крај на приказната. Тоа е тековен процес. Ние може да се навратиме на проблемите од време на време, но ова е тековен процес. Да речеме дека Бугарија ќе се врати на прашањето за 5-6 години и другите земји ќе можат да ги решаваат ваквите прашања со земјите кандидати. Значи, ќе има многу можности за решавање на вакви теми во иднина. Не можеме да очекуваме историчарите да најдат лесен одговор на толку тешко прашање. Да се зборува за историја е секогаш болно. Но, професионалците нека си ја завршат својата работа, изјави Ќучук.
Слично, како и Ќучук, и бугарскиот дипломат и директор на Институтот за економија и меѓународни односи, Љубомир Ќучуков, пак смета дека договорите на земјава со Грција и со Бугарија се радикално различни и не можат да се прават паралели.
– Грција се обидува да докаже дека нема ништо заедничко со Република Северна Македонија, а ние се обидуваме да докажеме дека сè ни е заедничко, а тоа е процес, бидејќи станува збор за промена на свеста на луѓето. Проблемите на Грција завршуваат со потпишувањето на договорот, а решавањето на проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија започнува со потпишување на договорот, вели Ќучуков.
Според него, блокрањето на евроинтеграцијата на Скопје може да ја стави Софија во изолација во ЕУ и да предизвика силни антибугарски чувства во Северна Македонија.
– Таквиот чекор го компромитира и приоритетот на Бугарија за време на претседавањето со Советот на ЕУ за евроинтеграција на Западен Балкан, изјави Ќучуков за БНР, додавајќи дека со блокадата за ЕУ ќе се блокираат и релациите меѓу двете земји. Решението, според него, треба да се бара преку дијалог, иако во моментов дијалогот на дипломатско ниво е исклучително тежок.
Негативни оценки за евентуалната блокада на Бугарија на нашиот пат кон ЕУ дава и европски дипломат за порталот „Политико”, кој наведува дека бугарската тактика на изживување можеби е ефикасна за постигнување резултати во подземјето во Софија, но е крајно неприфатлива на ниво на ЕУ. Според порталот, доколку Бугарија, изолирана како што е досега, продолжи со својот бекомпромисен став, ќе ја загуби добрата волја која ја ужива меѓу земјите-членки.
– Тоа ја нарушува целта на германското претседателство со ЕУ за продолжување на процесот на проширување оваа година, наведува „Политико”.
Во меѓу време, дописникот на ОРФ за Украина и Балканот, Кристијан Фердинанд Вершутц, на Фејсбук објави нон пејпер од минатонеделната средба во Берлин на Османи, Маас и Захариева, на која присуствуваа и заменик-премиерот за европски прашања Никола Димитров и германскиот министер за Европа, Михаел Рот, од кој произлегува дека Бугарија изразила подготвеност да ја прифати преговарачката рамка за Северна Македонија, како и да го поддржи одржувањето на правата Меѓувладина конференција во декември 2020 година за време на германското претседателство со Европската Унија.
– Бугарија, Северна Македонија и Германија ги потенцираа заедничките заложби за европската перспектива на Западен Балкан и за кредибилна ЕУ политика на проширување, како и за зајакнување на регионалната соработка, која е круцијална за стабилноста на регионот. Во овој дух, Бугарија потврдува својата подготвеност да се согласи на преговарачката рамка ЕУ-МКД и за одржување на првата Меѓувладина конференција во декември 2020 година, во текот на германското претседателство со Советот на Европската Унија, се наведува во документот.
Според документот, земјава се обврзала официјално да декларира дека кусото име на државата, Северна Македонија, се однесува единствено на политичкиот ентитет „Република Северна Македонија”, додека на Бугарија и се овозможува да го задржува правото преку унилатерална изјава во прилог на преговарачката рамка, да изјави дека кога ќе упатува на македонскиот јазик тоа подразбира македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија. Земјава, пак, се додава во документот, е подготвена официјално да изјави дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година.
Сепак, како што наведе австрискиот новинар, Софија подоцна го отфрлила нон-пејперот.