Македонскиот премиер Зоран Заев денеска доаѓа во Софија и ќе има средба бугарскиот премиер Бојко Борисов, потврди шефицата на дипломатијата на Бугарија Екатерина Захариева. Таа најави дека ќе им предложи на двајцата премиери да биде свикана Меѓувладината комисија за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство, која не се состанала речиси година и пол, иако во меѓувреме, како што посочи, се насобрале многу прашања.
Бугарската министерка за надворешни работи повторно ги повика македонските власти да го почитуваат и спроведат Договорот за добрососедство и да ги разгледаат бугарските забелешки.
– Имаме забелешки не само за историјата, туку и за напредокот на инфраструктурните проекти, како што е Коридорот 8. Секој што патува ја гледа состојбата со поврзаноста меѓу двете земји. Повеќе од година и пол чекаме на програмата за соработка од областа на културата и образованието, која ја испративме, но сè уште немаме одговор од нив. Само во областа на туризмот е постигнат напредок, но тоа беше пред пандемијата на коронавирусот. Но, овој напредок воопшто не е доволен, изјави Захариева пред днешниот Самит за Западен Балкан на Берлинскиот процес во Софија со кој ќе копретседаваат премиерите Борисов и Заев.
Шефицата на бугарската дипломатија кажа и дека Скопје не треба да се потпира на тоа дека некој ќе ја притисне Софија да замижи на неспроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство.
– Бугарија е исклучително категорична. Ние сакаме да видиме во преговарачката рамка дека Договорот ќе се спроведе, дека РС Макеоднија нема никакви претензии за малцинства. Има над 15.000 антибугарски публикации. Не можеме да ги воспитуваме поколенијата на омраза. Не можеме да бидеме сојузници во НАТО, а бугарските војници да се нарекуваат фашистички окупатори. Треба да се вратиме на тонот на добрососедството и спроведувањето на Договорот, рече Захариева.
Според неа, неосновани се обвинувањата на македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров дека Бугарија го крши членот 2 од Договорот со блокирањето на Севрена Македонија за ЕУ.
– Ги повикувам подобро да го прочитаат членот 2 од Договорот и тој се почитува од страна на Бугарија. Во него се вели дека Бугарија ќе ја поддржи РС Македонија на евроатлантскиот пат, споделувајќи го своето искуство, но тоа не значи дека не можеме да имаме услови. Изјавата дека само Бугарија има барања кон Македонија за исполнување на критериумите не е точна, вели Захариева. Сепак, и покрај недоразбирањата, таа го оцени како успешно заедничкото претседателство на Бугарија и РС Македонија со Берлинскиот процес.
– И покрај пандемијата, и промените во организацијата на сите настани што ги планиравме, имаме со што да се гордееме. Она што лидерите на Западен Балкан ќе го потпишат денеска – за зелен договор и заеднички пазар – е успех. На крајот, двајцата копретседавачи имаат со што да се пофалат, рече Захариева.
Денешната средба на Заев со Борисов и заедничкото физичко претседавање со Самитот на Берлинскиот процес кој за другите уесници ќе се одвива онлајн, како што пренесуваат медиумите во Бугарија, стана можно откако бугарскиот премиер кој имаше Ковид-19 добил негативен тест и потврда дека веќе нема коронавирус.