Во сите болници во државата, освен во Струмица и во Куманово, има слободни болнички кревети. Станува збор не само за инфективните, туку и за интерните одделенија кои сега се целосно наменети за третман на ковид пациенти со соодветен распоред на лекари, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на поликлиниката „Јане Сандански”, министерот Филипче рече дека на интерните клиники има доволно слободни кревети, пристап до кислород и се што е потребно за лекување на пациентите.
– За периодот којшто доаѓа имаме план за сместување на пациенти и во други интерни клиники и план за распоред на стручниот кадар, односно лекари, интернести и медицински сестри кои ќе работат со ковид пациенти. Во овој момент се уште нема потреба да се менува системот на закажување Мој термин, рече Филипче.
На интерните клиники, како што посочи, направени се тимови во кои секогаш има и пулмолози кои помагаат во третманот и давањето на соодветна терапија за пациентите.
Во однос на забелешките од матичните лекари за алгоритмите, Филипче рече дека алгоритмите се препорачани од Светската здравствена органзизација и оти тоа не е нешто што може да се менува на нечие барање.
– Во препораките јасно стои дека брзите тестови даваат резултати доколку се направат во првите пет дена од појавата на симптомите, подвлече Филипче, посочувајќи дека за секоја форма на болеста има соодветна препорака.
До матичните лекари има препорака како се третираат пациентите, односно кои може да се третираат во домашни услови, а кои мора да се хоспитализираат.
Коментирајќи ги информациите дека во Агенцијата за вработување има невработени лекари и медицински персонал, Филипче со одговор дека до нив нема таков податок и оти ваквите информации се истражуваат.
– Немаме податок дека има невработени лекари. Во изминатите две ипол години дадовме повеќе од 5.000 согласности за работа. Ова е навистина чудно и тоа сега го истражуваме, рече Филипче.