Пренатрупаниот фудбалски календар го загрозува здравјето на играчите и проблемот ќе се влошува со приближувањето на Европското првенство, изјави денеска германскиот селектор Јоаким Лев.
Клубовите ширум Европа редовно играат два натпревара неделно откако пандемијата го одложи почетокот на сезоната. Повеќето европски репрезентации закажаа и пријателски натпревари за оваа недела, и со тоа веќе имаат три натпревари во оваа репрезентативна пауза.
Лев им се придружи на своите колеги во критиките поврзани со распоредот, како што се тренерите на Ливерпул и Манчестер Сити, Јирген Клоп и Пеп Гвардиола.
– Со намалена зимска пауза во многу лиги, наредните месеци може да доведат до повеќе повреди, предупреди Лев…Студени месеци, тешки услови за игра … Ако ние тренерите не сме крајно внимателни, оние што не го сторат тоа ќе имаат голем проблем следната година, рече Лев.
Тој додаде дека Баерн Минхен, Лајпциг, Борусија Дортмунд, Реал Мадрид и Манчестер Сити, во кои играат германски репрезентативци ќе имаат особено тешки распореди во ноември и декември.
– Доаѓа особено тешка фаза, без зимска пауза. Секој тренер мора да биде паметен ако сака да има свежи, физички здрави играчи следната година во март или април, рече германскиот тренер.
Лев им дозволи на седум играчи да прескокнат пријателски натпревар против Чешка во среда за да се одморат за мечевите со Украина и Шпанија во Лигата на нации.