Би сакале да ја информираме јавноста дека Државната комисија за спречување на корупција не утврдила слабости во спроведувањето на тендерската постапка, односно утврдено е дека истата е во целост спроведена согласно Законот за јавни набавки. Во отсуство на аргументи, останува субјективна одлука на Комисијата да утврдува дека со банкарската гаранција нема да се покрие евентуална идна штета која би можела економскиот оператор да и ја нанесе на Општина Центар.
Постапка за наплата на штета се поведува пред надлежен суд, со соодветно вештачење од каде судот би можел да ги оцени фактите и околностите за настанување на штета, причините, како и висината на сторената штета.
Тоа што е нејасно и спорно е прашањето како Државната комисија утврдила дека општината не располага со адекватни и ефикасни правни механизми за наплата на штета, кога во самиот Договор склучен со економскиот оператор постојат одредби кои ги уредуваат евентуалните идни спорови кои би можеле да произлезат, а сето тоа е во согласност со Законот за облигациони односи во членот 16 став 1 каде стои:
„Нарачателот има право на договорна казна и надомест на штета, а во секој случај има право да бара исполнување на обврската”.
Врз основа на ставот 4 од истиот член 16, повторно се споменува евентуалната штета каде стои:
„Ако штетата што ја претрпел нарачателот е поголема од износот на договорната казна, тој има право да бара разлика до целосниот надомест на штетата”
Исто така, во членот 18 со поднаслов Обештетување стои: „Извршителот на услугите е должен на нарачателот да му ја надомести штетата предизвикана поради неисправност или недостатоци согласно со Законот за облигациони односи и другите позитивни прописи и сетоа тоа во целосна зашита на интересите на општината.
Важно е да се потенцира дека постапката за набавка е спроведена во согласност со Законот за јавни набавки, обезбедена е конкуренција со учество на 4 економски оператори на електронска аукција, каде прво рангиран е понудувачот кој понудил најниска цена во износ од 1 денар, додека, второрангираниот економски оператор со цена во износ од 21.000 денари.
По изборот на најповолниот понудувач, обезбедена е банкарска гаранција чија висина може да се движи од 5 до 15% од вредноста на договорот, како што наложува Законот за јавни набавки, а за евентуалното непостапување или неквалитетно постапување, постои и механизмот на негативна референца, односно спречување на економскиот оператор за учество во идни постапки за период од една година и сето тоа во согласност со одредбите од Законот за јавните набавки.
-Сакам да ја информирам јавноста и Комисијата дека ризик секогаш постои без оглед дали договорот е склучен на 1 денар, 100.000 денари или на 1 милион денари. Но наша работа како локална самоуправа е таквото однесување да го препознаеме и да го спречиме. Суштинско е почитувањето на одредбите на договорот од страна на економскиот оператор и постапување по барањата на општината и Комисијата за урбанизам при изготвувањето на планот, потоа почитување на Законот за просторно и урбанистичко планирање и подзаконските акти кои ја уредуваат областа на просторно и урбанистичко планирање. Личната деловна одлука на економскиот оператор за изработка на ДУП-от за 1 денар е исклучиво право и одлука на самиот економски оператор – изјави градоначалникот на Центар.
Со спроведување на оваа набавка, Општина Центар заштедила финансиски средства и средства на граѓаните на Центар.
Во согласност со новиот Закон кој наложува формирање на партиципативно тело, Одделението за урбанистичко планирање при Сектор за урбанизам има поднесено Барање за изменување и дополнување на СТАТУТОТ на Општина Центар до Сектор за правни и организациони работи, каде треба да се преземат дејствија кои ќе бидат усогласени со новите измени во Законот за урбанистичко планирање, кои претходно не биле законска обврска.
Во барањето се наведува дека во согласност со членот 46 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на РСМ“ бр.32/20), а во врска со член 48 од Статутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр.1/06; 12/15; 9/19; 14/19), Одделението за урбанистичко планирање при Секторот за урбанизам има обврска да распише јавен оглас за доброволно пријавување на партиципиенти во партиципативното тело со кое Општината треба да обезбеди инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање.
По усвојување на измените, партиципативното тело ќе се состои од членови на Комисијата за урбанизам на општината, Градот Скопје, стручни лица вработени во правното лице што го изработува урбанистичкиот план кој е предмет на расправа и претставници од урбаните и месните заедници, претставници на невладините организации од различните сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти од подрачјето на општината што ги претставуваат различните групи на граѓани, како и граѓани што се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и другите стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот.