САД вчера воведоа нови санкции против сириски официјални лица, ентитети и поединци, обвинети за помагање на претседателот Башар ал-Асад, пренесуваат британските медиуми.
Целта на оваа нова рестриктивна операција, во која е вклучено и сириското Министерство за нафта, според западните агенции, е да „ја убеди” владата на Асад да се врати на преговорачката маса под покровителство на ОН за завршување на речиси десетгодишната војна во Сирија.
Американското Министерство за финансии соопшти дека санкциите опфаќаат воени претставници, членови на парламентот и државните компании, како и сириски и либански граѓани кои работат на обновата на сириската нафтена индустрија.
-Министерството за финансии е одлучно во намерата да продолжи да врши економски притисок врз режимот на Асад и неговите приврзаници заради репресијата што ја вршат, изјави американскиот министер за финансии, Стивен Мнучин.
Сирија веќе се наоѓа под санкции од САД и Европската унија, кои на државата и стотици компании и поединци им замрзнаа средства во странство.