Освен за политичките амбиции на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, сега ја вршиме и валканата работа на некои западноевропски земји кои не сакаат повеќе проширување на ЕУ, вели професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев во интервју за Радио „Фокус“, пренесува ДојчеВеле.
„Се отвори прозорец, историска шанса, а што се случува? Измислуваме некакви смешни причини за блокирање на ова членство. Смешни, бидејќи тие главно се поврзани со политичките амбиции на г-дин Каракачанов, кој гледа дека му се намалуваат гласачите, и повторно наоѓа некаква историја со која треба да стане важен, да биде во центарот на вниманието. Јас лично, како и Македонците и Европјаните, не разбирам што точно бараме од Северна Македонија“, вели Дичев.
Посочува дека Договорот за добрососедство има многу точки, но сето внимание е насочено само кон една точка – историските прашања кои треба да ги решава заедничката комисија.
„По сите други прашања од овој договор – транспортните коридори, економската соработка, веќе и воена соработка може да имаме во рамките на НАТО, и културна и медиумска размена што е многу важно за приближување на два народа – ништо од ова не се случува! И, кој е виновен за ова? Тоа Македонците го блокираат или ние го блокираме“, прашува Дичев.



