Македонската фудбалска репрезентација за прв пат во својата историја обезбеди учество на едно големо натпреварување. Предводени од капитенот Горан Пандев, “црвено-жолтите” вечерва во Тбилиси, во баражот за Европското првенство 2020, ја совладаа Грузија со 1:0.
Стрелец на победничкиот гол беше Пандев во 56. минута по одличната акција во која учествуваа и Елиф Елмас и Илија Несторовски.
Како што најавија, сите играчи кои добија шанса од селекторот Игор Ангеловски, го дадоа својот максимум, бескомпромисно влегуваа во дуелите со физички силните Грузијци и на крајот заслужено беа наградени со пласман на континенталното натпреварување.
На евро-шампионатот, одложен поради коронавирусот од оваа за следната, 2021 година, македонскиот национален тим ќе игра во Ц-групата со селекциите на Холандија, Украина и Австрија.