За жал, македонско-бугарскиот проблем е прашање на длабока емоција, и помеѓу Македонците и помеѓу Бугарите. Згора на тоа, и од двете страни на границата има политичари и општественици кои ги изградиле и одржале своите кариери токму на овој проблем, вели Никола Тодоров во интервју за бугарски „Дневник“, пренесува 360степени.
Според него, ако проблемот го снема, ваквите политичари ќе останат и без видливост и без работа, бидејќи ќе ја снема потребата од нивното политичко егзистирање.
„Затоа таквите политичари и во Бугарија и во Македонија очајно се трудат проблемот помеѓу двете држави да остане жив, па многу често додаваат масло во огнот. А, кога се игра со емоции, со чувства, тогаш многу лесно се пали огнот, се креира омраза, поделба, непријателство. Балканот е таков со векови, бидејќи сите си патиме од хронична неспособност да погледнеме подалеку од носот. Во 2020 година кога Јапонците разговараат за летачки автомобили и кога претставија воз кој се движи со брзина од 380 км/ч, ние заглавени во историјата се расправаме за личности и настани од пред еден, два или десет века. Потоа се чудиме зошто сме децении зад нив и зошто нашиот квалитет на живот и стандард е далеку послаб од стандардот на развиениот свет. Затоа велам дека не сме способни да погледнеме нанапред подалеку, затоа што наместо напред, свртени сме наназад, кон минатото, па не можеме да видиме каде во меѓувреме отиде развиениот свет“, изјави поранешниот министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, во влијателниот бугарски медиум „Дневник“. Тој се надева дека Заев и Борисов ќе најдат решение.
„Како што рекол Толстој, двата најголеми воини се трпението и времето. Мислам дека решението на овој спор лежи токму тука, потребни се трпение и време. Не смееме овој проблем што тлее и трае со децении да го ставаме во контекст на кратки временски рокови или уште полошо во контекст на следни избори, кои и да се тие и од која и страна да се“, нагласува Тодоров.
Според него, во македонско-бугарскиот спор има трета страна која поттикнува несогласувања.
„Јас се плашам дека во нашиов случај не е проблемот само помеѓу двајца, туку како да има и некој трет кој ги влече конците од заднина преку своите извршители во двете земји кои се добро маскирани како патриоти. Прилично сум сигурен дека има трет играч, кој е прилично моќен на глобално ниво и од него продуцира контролирана нестабилност во регионот, па од тие причини стимулира нестабилност, омраза помеѓу нациите и поттикнува конфликтност. Како на друг начин може да се протолкува фактот што е меѓудржавната Комисијата за историја за релативно кратко време најде и усогласи заедничко решение за св. Кирил и Методиј, свети Климент и Наум и цар Самуил, па наместо ова да биде поздравено и да претставува основа ние уште повеќе да се зближиме, наеднаш излегоа би рекол некои максималистички барања кои треба да се решат за неколку дена или недели. Личностите што ги споменав беше незамисливо да бидат предмет на каква било дискусија пред 5, 10, 20 или 50 години, но ете, сега, веројатно се нашло некое решение со кое и двете страни можат да живеат. Но, некому, изгледа тоа не му одговара, па се креираше огромен проблем кој целиот овој успех тежнее да го претвори во пепел“, вели поранешниот македонски министер Тодоров за бугарскиот медиум „Дневник“.
Според Никола Тодоров, нашата држава згрешила што не го решила спорот со Грција во раните деведесетти години на минатиот век и што не влегла во ЕУ пред Бугарија. Овој проблем, според него, во таков случај немаше да постои.
„Замислете Македонија да влезеше во ЕУ пред Бугарија, и при влез на Бугарија во ЕУ да баравме Бугарија да признае дека писмото и јазикот во основа им се базираат на македонски корени кои датираат уште од времето на св. Кирил и Методиј и св. Климент и Наум Охридски! Па доколку Бугарија тоа не го прифати да не може ниту да започне преговори со ЕУ, а не пак да стане полноправна членка на ЕУ. Вие ќе повторувавте дека тоа не е точно, ние ќе кажевме дека ни ја крадете историјата, па ќе ви стававме вето на секој ваш обид за членство во ЕУ. Зошто, затоа што во таа ситуација кај нас ќе беше тој инструмент за блокада и уцена“, говори Тодоров за тоа што би се случило во една хипотетичка ситуација.
Според него, денес во Македонија е најлесно и политички најисплатливо да ги напаѓаш Бугарите, а во Бугарија е најлесно и политички најисплатливо да ги напаѓаш Македонците.
Од друга страна, Тодоров искажува загриженост за опасностите што може да настанат доколку дојде до задоцнување на европската интеграција.
„Може да предизвика внатрешни политички конфликти, а на долг рок може да стане и причина за меѓуетнички недоразбирања во Македонија забавувањето на европските интеграции. Покрај на внатрешен план, може да предизвика и нестабилност на регионален план. По мене, логичното прашање е што повеќе ѝ одговара на Бугарија, дали да има непријател од другата страна на границата, кој не е член на ЕУ, или да има одличен пријател внатре во ЕУ! Ние сме сојузници во НАТО, ние сме соседи кои долго време делеле иста или слична судбина и имаме личности кои се важни за двата народа кои можат да не обединат и сплотат. Ако веќе сме сојузници во најмоќниот воено-политички сојуз на планетава, не гледам никаква логика во градењето непријателство и бариери помеѓу луѓето во двете земји“, изјавува Тодоров за бугарски „Дневник“.
Во интервјуто се залага за поттикнување на инфраструктурни проекти меѓу двете држави.
„Никој не може да ме убеди дека Македонија и Бугарија би имале штета од изградба на автопат или брза железница помеѓу Скопје и Софија. Напротив, сметам дека ваквото поврзување ќе биде почеток на силно зближување помеѓу луѓето во двете држави. Мислам дека е возможно и е вистински момент ЕУ овој проект и финансиски да го помогне“, нагласува Тодоров.
Тој се залага, меѓу другите, да се формира меѓудржавна комисија од најдобрите инженери и архитекти, од двете страни на границата, кои ќе почнат да работат на реализација на проектот за изградба на автопат и брза железница помеѓу Софија и Скопје.
„Искрено, сонувам да можам да стигнам во Софија за 1 час. Ако бевме Германци или Французи, ова ќе беше возможно, но бидејќи сме балканци ова ни изгледа невозможно и далечно. Мислите ли дека во 1950 година Франција и тогашната Западна Германија се ‘сакале’ повеќе од тоа што денес се ‘сакаат’ Македонија, Бугарија и Грција? Јас мислам не, и прилично сум сигурен дека антагонизмот и непријателството и тогаш и низ претходната нивна историја бил значително поголем помеѓу Франција и Германија од разликите и антагонизмот што денес постои помеѓу овие три балкански држави. Ништо не е невозможно, треба лидерство, визија, храброст, но треба и да ги потиснеме националистичките радикали и популистите во трите земји, да им одбиваме на глупостите кои од лукративни лични причини ги кажуваат или ги прават и заеднички да претставиме нова политика на умерен патриотизам базирана на соработка и благосостојба на народите на овие три држави“, е цврстиот став на кој се наоѓа денес поранешниот министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров.