Рускиот министер Сергеј Лавров во интервју за домашни и странски медиуми рече дека ниту една турска мировна мисија нема да биде испратена во Нагорно Карабах. Тоа е јасна одредба од договорот за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах, што го потпишаа лидерите на Азербејџан, Ерменија и Русија, пренесува ТАСС.
Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар повтори дека турските сили ќе учествуваат во мировната мисија во Нагорно Карабах заедно со Русија.
На 9 ноември, рускиот и азербејџанскиот претседател и ерменскиот премиер потпишаа договор за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах, почнувајќи од 10 ноември.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека азербејџанските и ерменските страни ќе ги задржат позициите што ги заземале и дека руските мировни сили ќе бидат распоредени во регионот.
Договорот предвидува и размена на затвореници и тела меѓу Баку и Ереван.
Руското Министерство за одбрана во средата објави дека е потпишан меморандум за формирање на заеднички руско-турски центар за набљудување на огнот во Нагорно-Карабах, кој ќе биде лоциран во Азербејџан.
Документот не предвидува присуство на турските сили во мировните мисии во Нагорно Карабах.