Локални избори во БиХ, освен во градот Мостар

Во БиХ, освен во градот Мостар, в недела на 15 ноември ќе се одржат седмите локални избори од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Од сабота, па до крајот на изборниот ден, во сила е забрана за објавување резултати од анкети во врска со изборите, соопшти Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ.

Според податоците на ЦИК на БИХ, право на глас на овие избори имаат 3.283.380 избирачи, кои ќе гласаат на 5.759 избирачки места, вклучувајќи и 388 редовни мобилни тимови. Меѓу впишаните избирачи има и 14.059 со статус на раселени лица.

Граѓаните на Република Српска, Федерацијата БиХ и Брчко дистриктот оваа година ќе избираат 56 општински собранија во РС, 64 општински совети во ФБиХ, 120 градоначалници на општини во БиХ, седум градски собранија во РС, 14 градски совети во ФБиХ, 22 градоначалника во БиХ и Собрание на Брчко дистриктот.

За 23 кандидати во 21 општина се загарантирани места за припадници на националните малцинства.

На изборите учествуваат 543 политички субјекти, од кои 129 политички партии, 262 независни кандидата, 72 коалиции, девет листи на независни кандидати, како и 71 кандидат за националните малцинства.

Претставниците на меѓународните организации и амбасади ги повикаа граѓаните да излезат на изборите.

Според многу анализи, овие локални избори ќе бидат вовед во „тектонските промени” на политичката сцена во БиХ.

Изборите во Мостар се закажани за 20 декември и ќе бидат први избори по 12 години.

Треба да знаете
Последни објави