Нов дневен рекорд од 1321 заразени со Ковид1 9 беа регистрирани вчера во земјава. Активни се 15975, а хоспитализирани1049. Во претходното деноноќие направени се и рекордни 3836 тестирања, а процентот на потврдени случаи е 34,4.
Речиси половина од активните слулаи се во Скопје 7410. Од скопските општини, најмногу има во Аеродром со 1161, Гази Баба 1007 и Карпош 987, а најмалку се во Арачиново 20 .
Извештајот на Институтот за јавно здравје, што се однесува на периодот од 2 до 8 ноември, покажува зголемување од 25,5 отсто на бројот на нови позитивни случаи.
Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 37 отсто. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група над 60 години, додека најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години.
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.758 (51,6 отсто) лица од машки и 3.522 (48,4 отсто) од женски пол.
Евидентирани се 127 смртни случаи, што е зголемување од 41,1 отсто во однос на претходната недела.
Во болниците во моментов се лекуваат над 1000 лица потврдени или сомнителни на Ковид-19.
На Инфективната клиника има 155 пациенти, од кои 134 се на кислородна поддршка. Во болницата во Козле хоспитализирани се 11 деца и 27 возрасни пациенти.
Во ГОБ „8 Септември” се 79 пациенти, а седум се на респиратор. Во Институтот за ТБЦ се хоспитализирани 56 пациенти, на Клиниката за неврологија 21 пациент, на Кожната клиника 23 пациенти.
Во болницата во Битола, пак, се хоспитализирани 80, а во болницата во Штип се 60 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Кичево, Кавадарци се хоспитализирани 534 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Во меѓувреме се подобруваат сместувачките капацитети во болниците во Струмица, Гевгелија, Дебар, Ресен и Прилеп. Во Велес освен на Инфективно одделение кое е засебна зграда, од изминатиот викенд пациенти се примаат и на Одделението за физикална медицина.
Во рамки на справувањето со епидемијата Владата на Република Северна Македонија усвои Информација за склучување договор со Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE), за набавка на вакцини против Ковид-19 преку Ковакс механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини.
Бројот на заразени од корона вирусот во светот надмина 52 милиони, излекувани се 36,6 милиони, активни се 14,4, а битката со Ковид 19 ја изгубија речиси 1,3 милиони луѓе.