Републиканскиот сенатор Линдзи Греам, кој штотуку е избран во државата Јужна Каролина, рече дека донирал еден милион долари од парите од својата кампања за поддршка на двајца републикански сенатори кои се кандидираат за реизбор во Џорџија.
Греам денеска за „Фокс њуз” изјави дека републиканците мора да се спротивстават на „либералното парично цунами” што „се слеа” кон Џорџија пред вториот круг од 5 јануари. Исходот од овие два гласа ќе утврди дали републиканците или демократите ќе имаат контрола во Сенатот.
Демократите веќе имаат мнозинство, т.е. контрола, над Претставничкиот дом.
Во вториот круг во Џорџија, демократот Џон Ософ ќе се бори да го заземе местото на републиканецот Дејвид Пердју, а демократот Рафаел Ворнок ќе се соочи со републиканската сенаторка Кели Лафлер.