Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник, Павле Трајанов денеска достави Предлог-Закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, со кој се создаваат можности за повторување на постапката, доколку судска одлука се заснова на:
-повреда на начелото презумпција на невиност,
-користени се разговори од незаконито пресретнување на системите за комуникација,
-злоупотреба на посебната истражна мерка заштитен сведок,
-злоупотреба на системот за распределба на судски предмети (АКМИС).
-во други случаи на фабрикување или монтирање на факти и докази и др.
-Во суштина предлагам законски решенија за создавање законска можност, можност за преиспитување на фактите и доказите во сите политички мотивирани судски процеси преку повторување на постапката. Во изминатите 15 години има голем број на монтирани судски процеси, за кои се залагам да им се овозможи фер судење, каде ќе можат осудените да презентираат докази дека судските одлуки се засновани на лажни или фалсификувани факти и докази. Во овие политчко-полициски монтирани процеси, биле вклучени политичкиот врв во државата, припадници од Министерството за внатрешни работи, (посебно од Управата за безбедност и контраразузнавање), јавни обвинители и судии. Преку повторување на постапката, освен што ќе се исправи неправдата и ќе се рехабилитираат жртвите, ќе се разјасни улогата на сите вклучени во овие монтирани случаи, посебно на судиите кои носеле судски одлуки врз основа на лажни докази и други факти, рече Трајанов.
Инаку за овој закон стои Комитетот за заштита на правада, каде членуваат над 300 осудени граѓани, кои укажуваат на флагрантно кршење на нивните права и неможност да обезбедат повторување на постапката преку решенијата содржани во Законот за кривична постапка.
Во публикацијата подготвена од Транспаренси Интернешнл,се анализирани 12 правосилни предмети, при што врз основа на анализите е заклучено дека одлуките не се засновани на релевантни докази, има прекршување на постапката и други неправилности и кршење на законите.