Трудо: Канада нема да попушти пред кинеската дипломатија на принуда

Канадскиот премиер Џастин Трудо го коментираше апсењето на двајца канадски државјани во Кина, велејќи дека нема да попуштат пред дипломатијата на принуда, пренесува „Спутник“.

„ Ние не веруваме во дипломатија на принуда и … ние, всушност, длабоко веруваме дека ако почнете да потклекнувате на тој вид притисок, ќе поминете полошо на долг рок. Доволно притисок врз нас и ние ќе попуштиме, но тоа е токму спротивното од нашата позиција “, рече Трудо во интервју за време на онлајн конференцијата на „Фајненшл тајмс“.

Односите меѓу Канада и Кина се влошија откако Отава ја уапси директорката на „Хуавеј“, Менг Ванжу, во 2018 година на барање на САД, на што Пекинг одговори со апсење на двајца канадски државјани под обвинение за шпионажа во Кина.

Трудо претходно тврдеше дека обидот на Пекинг за „ дипломатија на принуда“ со затворање на двајца Канаѓани како одмазда за апсењето на диркеторката на „Хуавеј“, не успева. Тој истакна дека поранешниот дипломат Мајкл Ковриг и бизнисменот Мајкл Спавор се притворени повеќе од 700 дена под лажно обвинение дека претставуваат закана за националната безбедност на Кина.

Ковриг и Спавор се обвинети за шпионажа, за што кинескиот закон предвидува смртна казна.

Изјавите на Трудо доаѓаат во време на се поголем дипломатски раздор меѓу двете нации. Освен притворите, врската дополнително се влоши со осудата на Канада за кинескиот Закон за национална безбедност во Хонг Конг и суспендирање на некои билатерални договори со специјалниот административен регион.

Пекинг изјави дека го задржува правото да одговори на какво било мешање од страна на Канада, а канадската страна ќе одговара за сите последици.

Кинеско-канадските односи се влошија откако Ванжу, ќерка на основачот и главен извршен директор на „Хуавеј“, Рен Женгфеи, беше уапсена во 2018 година на меѓународниот аеродром во Ванкувер на патот кон Мексико од Хонг Конг по барање на американската влада. Американските власти ја бараат Менг за нејзината наводна улога во кршењето на санкциите против Иран.

Треба да знаете
Последни објави