Акар: Турските сили ќе се приклучат во мировната мисија во Нагорно-Карабах

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар денеска повторно изјави дека силите на Турција ќе учествуваат во мировна мисија во Нагорно-Карабах заедно со Русија, објави телевизискиот канал Си-ен-ен Турк.

„Турција ќе учествува во заедничката мировна мисија за следење и контрола на спроведувањето на мировниот договор во Карабах“, рече Акар.

На 9 ноември рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах, почнувајќи од 10 ноември.

Ерменското Министерство за одбрана и Генералштабот во заедничкото соопштение во вторникот соопштија дека вооружените сили на земјата ќе го почитуваат договорот за Нагорно-Карабах потпишан од лидерите на Ерменија, Русија и Азербејџан. Тие исто така го повикаа ерменскиот народ да се воздржи од активности што можат да ја дестабилизираат состојбата во земјата.

Руското Министерство за одбрана вчера објави дека е потпишан меморандум за формирање заеднички Руско-турски центар за следење на примирјето во Нагорно-Карабах по онлајн преговорите меѓу рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и неговиот турски колега Хулуси Акар. Центарот се наоѓа во Азербејџан.

Овие договори не го споменуваат присуството на турски војници во мировниот контингент во Карабах.

Во меѓувреме, и рускиот министер Сергеј Лавров во интервју за домашни и странски медиуми рече дека ниту една турска мировна мисија нема да биде испратена во Нагорно Карабах. „Тоа е јасна одредба од договорот за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах, што го потпишаа лидерите на Азербејџан, Ерменија и Русија“, рекол тој, пренесува ТАСС.

Треба да знаете
Последни објави