Папата Франциско им нуди бесплатни тестови за коронавирус на сиромашните и бездомниците во Рим, како дел од римокатоличката прослава на Денот на сиромашните, соопшти Ватикан.
Тестовите може да се направат на Клиниката Свети Петар, која Папата пред неколку години ја обезбеди со основни медицински материјали за најсиромашните кои живеат во околината на Ватикан.
Италија во средата ја премина бројката од еден милион заразени со коронавирус, што ја прави една од 10-те најтешко погодени земји во светот, според бројките на „Ројтерс“.
Архиепископот Рино Физикела пред новинарите изјави дека дневно се прават околу 50 тестови за коронавирус и дека оваа иницијатива ќе продолжи на неодредено време.
Оние кои се негативни на тестот, добиваат сертификат со кој можат да добијат засолниште, додека оние кои се позитивни на коронавирус се испраќаат на лекување.