Во Советот на Европа создадена опсерваторијата за настава по историја во Европа

Седумнаесет земји – членки на Советот на Европа, меѓу кои и Северна Македонија одлучија да создадат Опсерваторија за настава по историја во Европа, како дел од проширениот парцијален договор, јави дописникот на МИА.

Претставниците во Комитетот на министри на Албанија, Андора, Ерменија, Кипар, Франција, Грузија, Грција, Ирска, Луксембург, Малта, Северна Македонија, Португалија, Руската Федерација, Србија, Словенија, Шпанија и Турција, имајќи ја предвид Декларацијата усвоена од министрите за образование на 23 земји во Париз на 26 ноември 2019 година, со која се изразува нивната подготвеност да работат за создавање на Опсерваторија за настава по историја („опсерваторија”) во рамката на новиот проширен парцијален договор на Советот на Европа, денес официјално го означија создавањето на оваа Опсерваторија.

Главната цел на Опсерваторијата е да собира и да ги става на располагање, преку редовни и тематски извештаи, фактички информации за начините на кои се учи историјата во сите земји учеснички, со што се олеснува размената на добри практики и меѓусебно учење. Исто така, ќе послужи како платформа за професионален развој и вмрежување на европските професионални асоцијации и институти активни во областа на наставата по историја.

-Во контекст на подемот на популизмот, наставата по историја што промовира мултиперспективност и критичко размислување е од суштинско значење за развојот на културата на демократијата. Со истакнување практики што ја поттикнуваат наставата по историја во согласност со вредностите на Советот на Европа, Опсерваторијата ќе помогне да се изгради отпор против манипулацијата и изобличувањето на историјата и да помогне во промовирање на мирот и дијалогот, се вели во соопштението издадено во Стразбур.

Опсерваторијата се базира на децениското искуство на Советот на Европа во наставата по историја и има за цел да ја надополни и зајакне својата меѓувладина програма.

Оваа иницијатива беше покрената под француско претседателство со Комитетот на министри и денес претставува едно од водечките достигнувања на грчкото претседателство со Организацијата.

Создавање на опсерваторијата за настава по историја во Европа , се совпадна со се поголемите притисоци од страна на една друга земја членка на Советот на Европа – Бугарија, врз Северна Македонија, да ги прифати само нејзините погледи и толкувања на историјата, при што ја условува со вето за почетокот на преговорите за членство со ЕУ. Бугарија засега е единствената од директното соседство на Северна Македонија, која не е дел од Опсеравторијата.

Треба да знаете
Последни објави