Во рамки на одбележувањето на Денот на Општина Карпош (3. ноември), локалната самоуправа започна со делење на 80 пакети за своите сограѓани кои се наоѓаат во социјален ризик. Оваа традиционална акција беше спроведена денеска, во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, при што 70 пакети ќе бидат поделени на домаќинства во социјален ризик, пет пакети на СОС Детско село, а пет пакети на Геронтолошки завод „13 Ноември“ (во Злокуќани). Пакетите содржат трајни прехранбени продукти и средства за лична хигиена и дезинфекција.
Општината континуирано ја покажува својата хуманост и солидарност, но живееме и во ек на светска пандемија, кога сиромаштијата се зголемува, а институциите мораат да пружат поддршка.
Во изјавата за медиуми, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека за 20 отсто е зголемен бројот на лица кои се пријавуваат во општината како социјално загрозени:
-Ние во повеќе наврати изминатиов период даваме помош на оние на кои им е најпотребно. Дониравме крвни единици,доделивмееднократна социјална помош, како и заштитни маски за граѓаните кои живеат во поруралните средини. Оваа светска пандемија повикува на одговорност, но и на поголема хуманост и солидарност на секој еден од нас, рече Богоев.
Генералниот секретар на Црвен крст, Саит Саити изјави дека соработката меѓу Општина Карпош и Црвениот крст секојдневно се интензивира. Исто така, пунктот за бездомни лица во Момин Поток обезбедува згрижување и топол оброк за луѓето од оваа социјална категорија. Подготовката на волонтерите е на високо ниво и тие секојдневно работат со оние кои се најпогодени.
На денешната средба на отворено, градоначалникот Стефан Богоев и службите за социјална заштита на Општина Карпош предложија и организирање на акција за собирање на облека, во која ќе биде вклучена општинската администрација.