Измените и дополнувањата на законот за работни односи кои треба да овозможат задолжително пензионирање на 64 години и 15 години стаж се во собраниска процедура и за нив денеска треба да расправа Комисијата за труд и социјална политика. Според анализите што ги направило Министерството за труд и социјална политика до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6.000 лица. Но, како што појасни вчера министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, тоа не значи дека согласно предложените законски измени сите тие ќе одат во пензија, бидејќи дел од нив веќе имаат побарано барање за продолжување на работниот однос.
Таа рече дека со овие измени се предвидува прекинување на договорите за работа со 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку во друг закон не е поинаку регулирано.
-Според нашите анализи бројката на вработени како од јавен, така и од реален сектор збирно до крајот на 2020 година околу 6.000 вработени ќе наполнат 64 години. Но, тоа не значи дека сите овие граѓани ќе одат во пензија. Дел од нив поднеле барање согласно актуелното законско решение до крајот на 31 август за продолжување на работниот век и после продолжување на наполнување 64 години, а кој се однесува на следната календарска 2021 година, рече вчера министерката.
Законските измени во собраниска процедура ги поднесоа пратеници од СДСМ, во, како што појасни Шахпаска, координација со Министерството за труд и социјална политика.
Овие законски измени се предложени за дневен ред на 21. собраниска седница чиј почеток е, исто така, закажана за денеска