Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, во книгата што ќе биде објавена следната недела, оцени дека се длабоки поделбите во американското општество, до тој степен што заминувањето на Доналд Трамп од функцијата нема да биде доволно за надминување на тие поделби.
Во првиот том од мемоарите „Ветена земја” што ќе излезе во вторник, Обама се осврнува и на владеењето на Трамп во текот на четири години.
„Можеби она што најмногу загрижува е дека нашата демократија се чини дека е на работ на криза. Тоа е криза закотвена во конфликтот меѓу две визии – за тоа што е Америка и каква треба да биде”, посочува Обама.
Поранешниот претседател на САД ја поздрави победата на Џозеф Бајден, но предупреди дека не треба да се има „ангелска визија” за периодот после Трамп.
„Знам дека изборите нема да го решат проблемот. Нашите поделби се длабоки, предизвиците се огромни”, рече Обама, но сепак изрази надеж за добра иднина со „напорна работа, одлучност и добра доза на имагинација”.
Во првиот том од мемоарите на 768 страници, Обама се осврна и на процесот на пишување книгата – од пенкало до компјутер – за тешкотијата да се биде точен во пишувањето.
Како анегдота, тој посочи дека за време на неговите осум години поминати во Белата куќа, тој често барал тивко место на крајот на денот за да ја ипуши „вечерната цигара” во мир.
Пушењето и подоцнежното откажување на Обама беше една од темите за време на неговото претседателствување.