Осуда на бугарскиот меморандум и апел до земјите членки на ЕУ, ЕК и ЕП за безусловна одлука за почеток на преговорите

Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на својот Фејсбук профил најави дека барање за осуда на бугарскиот меморандум и апел до земјите членки на ЕУ, ЕК и ЕП за безусловна одлука за почеток на преговорите со Европската унија ќе бидат заклучоците на денешната расправа на Комисијата за надворешна политика.

„На денешната комисија за надворешна политика, на која ќе се расправа за македонско-бугарските односи во контекст на заканите за вето, на пратениците ќе им бидат предложени следниве заклучоци:

1.Собранието ги осудува позициите содржани во Објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ во контекст на проширувањето и македонските евроинтеграции, како спротивни на Повелбата на Обединетите нации од 1945-та година, во која една од целите е развивање на “пријателски односи меѓу нациите засновани врз принцип на почитување на еднакви права и самоопределба на народите”, право кое неделливо му припаѓа и на македонскиот народ .

2.Собранието упатува апел до сите земји членки на ЕУ, до Европската Комисија и до Европскиот парламент да донесат безусловна одлука за почеток на преговорите со одржување на првата меѓувладина македонско-европска конференција.

-На Комисијата уредно се поканети и министерот Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Димитров, во чии работни обврски спаѓа и отчетноста пред пратениците како народни избраници, што е воспоставен европски стандард на контрола на законодавната врз извршната власт, вели во својата објава Милошоски.

 

Треба да знаете
Последни објави