Шведскиот премиер Стефан Лефвен вчера објави дека неговата влада ќе предложи закон со кој на национално ниво се забранува продажба на алкохол по 22 часот во барови, ресторани и ноќни клубови. Целта е да се спречи ширењето на коронавирусот, пренесува „Асошиејтед прес“.
„Се соочуваме со ситуација што може да стане многу црна“, рече Лефвен, додавајќи дека Шведска во моментов ризикува да се врати во ситуација како што беше во текот на пролетта.
АП наведува дека Шведска бележи рекорден број на нови случаи на инфекција во последните неколку недели, што го оптоварува здравствениот систем, а особено одделенијата за интензивна нега.
„Сите индикатори покажуваат во погрешна насока“, рече Лефвен на прес-конференција со министерката за социјални работи Лена Халенгрен.
На прес-конференцијата, министерката објави дека сите локали што служат алкохол мора да бидат затворени најдоцна 30 минути по 22 часот и ваквите локали, особено баровите и ноќните клубови, ги нарече ризични места.
Во средата, Шведска повторно воведе забрана за посета на домови за стари лица откако земјата забележа зголемување на случаите на инфекција во домовите за пензионери.
Шведска, која се одлучи за полиберален пристап кон пандемијата, ја укина забраната за посета на старски домови во септември, потсетува АП.
Од почетокот на пандемијата, скандинавската земја со 10 милиони жители, забележа над 168.000 случаи на инфекција со коронавирус и 6.082 смртни случаи.