Денеска почна вакцинирањето против сезонски грип во општините Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран, каде што од повеќе од 24 матични лекари се направени списоци на преку 2500 пациенти за пријавување преку МојТермин.
Со обраќање до пациентите денеска се јави координаторката на матичните лекари од овие општини, д.р Христина Прошева, која им пренесе и ги замоли да не вршат притисок врз матичните лекари затоа што никогаш досега не им бил посочен точниот број на термини, а синоќа за денеска биле креирани само 28 термини од овие општини за пациенти кои можат бесплатно да се вакцинираат.
– Само 28 граѓани за вакцинација против сезонски грип од долгите списоци на 24 матични лекари е математика што ја оставам за попаметните. Со ова соопштение сакаме само да ви ја објасниме ситуацијата и искрено да ве замолиме за разбирање дека ние, матичните лекари, не успеавме на сите да ви закажеме термин за вакцинација против сезонски грип, изјави д-р Прошева.
Покрај ова, таа нагласи дека немаат никаква информација од надлежните со оглед и на ситуацијата со Ковид-19, што и како ќе се случува понатаму.