Oсновниот кривичен суд во Скопје попладнево потврди дека му е одреден притвор на обвинетиот Агим Исмаиловиќ во предметот „Монструм“ и дека решението е доставено до МВР. Исмаиловиќ беше на денешното рочиште, но откако обвинителката Фатиме Фетаи побара притвор за него, тој успеал да излезе од судницата и да избега.
-За обвинетиот А.И. е определна мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода и истото е доставено до надлежното МВР, соопштија од судот.
Притвор му е одреден и на обвинетиот Фејзи Азири, но тој веќе се наоѓа во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, поради издржување на друга затворска казна.
Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, за МИА, изјави дека на ова одлука ќе поднесат жалба во понеделник, односно тој смета дека истата е непотребна од причина дека наведените лица ги почитувале доследно претходните мерките донесени од судот.
Притворот денеска го побара обвинителката Фатиме Фетаи во судницата каде требаше да се одржи рочиште за овој предмет. Поради отсуство на еден од адвокатите, немало услови да се одржи рочиштето, по што откако биле побарани нови мерки од Фетаи, обвинетите ја напуштиле судницата, а за притворот одлучувал Кривичниот совет.
За Исмаиловиќ имало сомнеж дека може да избега во Косово, додека Фејзи Азири иако веќе издржува затворска казна, бил во полуотверно одделение и користел многу поволности, како одмор летово и затоа има страв дека ќе избега. Фетаи објасни дека бара ваква мерка, поради запретената казна, доживотен затвор. Дополнително Фејзи Азири имал косовско државјанство и било лесно да замине таму. За Хаки Азири предлогот е, секој ден да се јавува во судот. Дополнително обвинителството пресмета дека на обвинетите им останала можност во ефективен притвор да бидат уште 3 месеци 25 дена.