Во Косово во минатите 24 часа продолжи неколкунеделниот тренд на пораст на бројот на заболени и починати од Ковид-19, со 963 нови заразени и 13 пациенти кои подлегнаа на болеста, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според последниот извештај на Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК), вклучително вчерашните случаи, досега во земјата се потврдени вкупно 27.851 носител на коронавирусот и 798 жртви на пандемијата.
Последното деноноќие како излекувани од заразната болест се евидентирани 177 пациенти, со што бројката на лица кои ја совладале болеста достигна 16.862.
Според официјалните податоци на здравствените власти, бројката на активни носители на вирусот во Косово за прв пат надмина десет илјади и моментно изнесува 10.191.
Вкупно од почетокот на пандемијата, вклучително вчерашните 2.056, во лабораторијата за микробиологија на ИКШПК и во овластените приватни клиники се извршени 115.794 тестови.
Поради, како што ја оцени Владата, мошне тешката состојба со заразата, од вечерва во земјата стапуваат во сила нови мерки за заштита од ширењето на епидемијата, меѓу кои е карантинот и полицискиот час во општините со најголем процент на заразени.
Жартиште на епидемијата е главниот град Приштина, во кој досега се потврдени речиси десет илјади носители на коронавирусот.