Дванаесет европски филмови се прикажуваат во рамки на седмиот „Фестивал на тркала” кој се одржува од 12 до 19 ноември на платформата Сinesquare.net. Фестивалот го организира продукциската и дистрибутерска компанија „Катавеј” од Скопје со поддршка од Министерството за култура.
Годинава во проширен концепт фестивалот има четири програми: игран филм, документарен филм, посебен фокус на француската режисерка на документарен филм Клер Симон на Меѓународниот фестивал на документарен филм Амстердам (IDFA), како и програма за најмладите.
Во програмата играни филмови ќе бидат прикажани: „Сонот на Катрина (Katrina’s Dream)”; „Море од Жито (Mare di Grano)”; „Насмевка (Smile)”; „Гулабот (The Pigeon)” и „Бракот (The Marriage)”, во документарниата програма ќе има два наслова: „Каде си Жоао Жилберто? (Where Are You Joao Gilberto?)” и „Крис Швајцарецот (Chris The Swiss)”.
Во фоксуот за Клер Симон се филмовите „Приемен испит (The Graduation)” и „Младешка самотија (Young Solitude)”, а во програмата филмови за деца – „Кариран нинџа (Checkered Ninja)”; „Хакер (Hacker)” и „Улица на надежта (Mercy Street)”.
– Филмските тркала продолжуваат да се движат по патиштата низ земјава овозможувајќи им на децата и на возрасните низ републиката причина за уживање во квалитетен филм од најновата европска кинематографија, соопшти „Катавеј” – организатор на фестивалот.