ЈП Водовод и канализација – Скопје како јавен сервис е секогаш во служба на своите корисници и граѓаните на град Скопје, а како општествено одговорно претпријатие преку реализиција на многубројни проекти, настојува со примена на позитивни практики да постави позитивни примери за заедницата и општеството во целина.
Денес, 13.11.2020, во знак на одбележување на 13 Ноември, Ден на ослободувањето на Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје ќе додели подароци на сите 84 учесници на ликовниот конкурс, од основните училишта во град Скопје, организиран по повод Светскиот Ден на водата, на тема „Водата, ние и околината“. Големиот одзив, едукативниот пристап и уметничкиот израз за големото значење на водата за животот и околината, се потврда на нашите заложби во поглед на едукација на младите генерации.
„Имајќи ја предвид појавата на пандемијата со корона вирусот, бевме спречени во целост да ги реализираме активностите предвидени за одбележување на Светскиот Ден на водата, но одлучивме да го вреднуваме трудот на младите генерации, да покажеме благодарност кон нив и да ги мотивираме за следните предизвици. Воодушевува начинот на изразување на децата и нивната свесност за заштита на водата и животната средина. Затоа денес, во знак на одбележување на 13 Ноември, Ден на ослободувањето на Скопје, на сите учесници на ликовниот конкурс ќе им бидат доделени подароци. Доделувањето на подароците ќе биде спроведено во согласност со сите мерки за заштита од ширење на корона вирусот.
Секоја насмевка на детските лица е дополнителен мотив за сите ние да вложуваме во создавање услови и отворање можности за нивниот развој. Создавајте, вреднувајте, дарувајте, Честит 13 Ноември“, изјави Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.