Белгија протера на една година петмина дански крајно десничарски активисти поради нивните планови за палење на Куранот во муслиманскиот дел од Брисел.
Државниот секретар за азил, Сами Махди, ова го нарече „сериозна закана за јавниот ред”, пренесува Би-Би-Си.
Според нивната страница на Фејсбук, петмината биле соработници на данскиот крајно десничарски политичар Расмус Палудан.
Палудан во средата беше протеран од Франција откако на 30 октомври на Фејсбук напиша дека му соопштил на францускиот конзулат во Копенхаген дека на 11 ноември ќе го запали Куранот пред Триумфалната капија во Париз.
Во изјавата не се споменува Палудан, но се вели дека „неодамна беше уапсен друг маж во Франција од истата причина”.
Приврзаниците на Палудан во август во јужниот шведски град Малме, исто така, го запалија Куранот, предизвикувајќи насилни протести и судири со полицијата.