И во услови на светска економска криза, предизвикана од корона вирусот, трговската размена меѓу Северна Македонија и Хрватска во првите девет месеци од 2020 година, бележи раст од 12,8 отсто во однос на истиот период лани, а евидентирано е и зголемување на извозот за околу девет проценти, констатираа на денешната средба вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и хрватската амбасадорка, Нивес Tигањ.
Според Битиќи и Тигањ, Хрватска е линкот меѓу ЕУ и Западен Балкан. Треба да се работи на заеднички политики за да се унапреди конкурентноста на регионот.
На средбата се разговараше за економските односи меѓу двете земји, за поддршката од Хрватска на патот на земјава кон ЕУ, како и за активностите за зголемување на трговската размена и подобрување на контактите меѓу компаниите.
Амбасадорката Тигањ нагласи дека Северна Македонија и Хрватска се пријателски земји, кои немаат отворени прашања и дека нашата земја ја има целосната поддршка за отворање преговори, реализација на реформите и полноправно членство во ЕУ.
-Република Хрватска е своевиден линк помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и искуството кое го поседува за пристапување е подготвена несебично да го сподели со Северна Македонија, рече Тигањ.
Зголемувањето на економската соработка меѓу земјите од регионот може да има само позитивен импакт кон целокупните односи и животот на граѓаните, подвлече Битиќи и рече дека местото на регионот е во ЕУ, со оглед на тоа дека трговската размена во најголема мера се одвива токму со земјите членки на Унијата. Земјите од регионот мора да работат на креирање на кохерентни и конзистентни економски политики во насока на засилување на меѓусебната економска соработка и создавање на поконкурентен регион, наместо да се поттикнува конкуренција помеѓу земјите.
На состанокот се разговараше и за неодамна усвоениот 10-годишен Национален план за развој на Република Хрватска (2020-2030 година), на што вицепремиерот Битиќи се надоврза и посочи дека Владата на Република Северна Македонија исто така работи на креирање на Национален долгорочен план за развој. Овој план, информираше Вицепремиерот, во кој ќе бидат дефинирани клучните правци во кои ќе се движи економијата на Република Северна Македонија, ќе обезбеди побрз и одржлив економски развој на земјата, а во негово создавање ќе бидат вклучени сите заинтересирани страни: стопанските комори, синдикални организации, граѓанскиот сектор, но и меѓународните партнери и донатори.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Тигањ изразија надеж дека економската соработка помеѓу земјите ќе има тенденција на пораст, пришто се согласија дека ќе продолжат со меѓусебната комуникација за да ја унапредуваат соработката и понатаму.