Министрите за внатрешни работи на 27-те земји-членки на ЕУ усвоија заедничка изјава што испраќа силен сигнал за единство и солидарност кога станува збор за последните терористички напади што се случија на европско тло.
Претседавачот на Советот на ЕУ, министерот за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер, изјави дека министрите истакнале дека заедничките европски вредности, како што се владеењето на правото, слободата и плурализмот, секогаш ќе бранат заедно и ќе направат се што е „можно во рамките на владеењето на правото” за се борат против екстремизмот од каква било форма.
-Ние не се бориме против религијата, туку против фанатичен и насилен екстремизам од кој било вид. Луѓето можат да ни веруваат дека ќе сториме се за да го спречиме овој хаос на нашето време, вели Зехофер.
Министрите за внатрешни работи на ЕУ 27 се состанаа една недела по терористичките напади во Франција и Австрија, точно на петтата годишнина од терористичкиот напад во Париз, кога беа убиени 130 лица и 350 ранети.
ЕУ вели дека веќе постои „добра основа” во борбата против екстремизмот и тероризмот, што мора поефикасно да се примени, особено кога станува збор за размена на информации во рамките на земјите-членки и контрола на преминување на надворешните граници, но и движења во рамките на Шенген.
– Кога станува збор за заштита на надворешните граници на Европа, треба да знаеме кој влегува или излегува од ЕУ, а за тоа ни треба многу подобра гранична заштита, заклучи германскиот министер за внатрешни работи.
Министрите ги повикаа Европската комисија, Парламентот и германското претседателство да усвојат правила до крајот на годината за брзо отстранување на терористичката содржина од интернет, доколку е можно во рок од еден час по објавувањето.
– Исто така, треба да обезбедиме строго спроведување на европските правила за огнено оружје што ќе обезбедат тие да не завршат во погрешни раце, рече Зехофер.
Тој повика на зајакнување на капацитетот на Европол во борбата против тероризмот и најави дека во декември подетално ќе разговараат за меѓусебната соработка на полициските структури во Европа во борбата против тероризмот и криминалот.
Европската комисија објави дека во декември ќе го претстави својот Акциски план за борба против тероризмот.