Дневните бројки на заразени со корона-вирусот и натаму остануваат високи. Голем е бројот и на заболени кои имаат потешка слика и им е потребно болничко лекување. Надлежните велат дека засега не се размислува за воведување нови рестриктивни мерки, иако не го исклучуваат како можност, но, се надеваат дека мерките што веќе се на сила ќе дадат резултат, апелирајќи на нивно доследно почитување. Се работи на зголемување на болничките капацитети кои ќе можат да им дадат помош на оние кои им е потребно болничко лекување. Дополнително и Армијата отстапи свои санитетски возила за потребите на здравството за превоз на пациенти забилени од КОВИД-19.
Дали ќе има дополнителни рестриктивни мерки, Комисијата за заразни болести ќе одлучува на состанокот во понеделник, за да се даде време да се утврди дали мерките кои се веќе на сила даваат резултат.
-Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно после викендот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд, соопшти вчера Министерството за здравство.
Министерот Филипче вели дека во моментот се фокусирани на болничките капацитети, како критично прашање. Се размислува како да се обезбедат доволно болнички кревети и кадар што ќе работи и ќе ги лекува пациентите. За мотивација и награда за здравствениот кадар за справување со кризата, додава тој, се обезбедени околу 60 милиони денари.
Во последните 24 часа на интерните клиники имало 12 приеми и тоа четири во ковид-центарот на Клиниката за дерматологија, пет приеми во центарот на Клиниката за неврологија и три пациенти се хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатото деноноќие имало 18 приеми, а во ковид- центарот во ГОБ „8 Септември” биле примени девет нови пациенти.
-Во моментов, на Клиниката за дерматологија во ковид-центарот се лекуваат 27 пациенти, на Клиниката за неврологија 24 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 53 пациенти со симтоми на коронавирусот. Во ГОБ „8 септември” има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 158 пациент, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 42 пациенти, 14 деца и 28 возрасни, информираат од Министерството за здравство.
Нагласуваат дека слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.
-На Интерните клиники во ковид центрите на Клиниката за неврологија и на Клиниката за дерматовенерологија покрај постоечките 64 кревети, ќе се стават во функција и дополнителни легла, а од сабота пациенти ќе се примаат и во новите ковид центри на Клиниката за Гастроентерохепатологија и на Клиниката за нефрологија. Овие клиники располагаат со кислородни места за третман на пациентите кои имаат потреба од кислородна поддршка. На Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ капацитетите се генералнпо полни, но во тек на денот се прават исписи на оздравени пациенти и постепено се ослободуваат дополнителни места. Оваа клиника располага со 56 места за лекување на ковид пациенти, велат од МЗ.
Потенцираат дека сите нови оддели на Интерните клиники располагаат со болнички места до кои имаат довод на кислород. Во тек е доопремување со останатата медицинска опрема која им е потребна на лекарите, а од денес покрај пулмолог и анестезиозолог, достапен за консултации на интерните клиники ќе биде и лекар анестезиолог од КАРИЛ.
Во насока на зголемување на здравствените капацитети и обезбедување поддршка за заболените пет болнички возила на Армијата од вчера и се ставени на располагање на Брзата помош со цел да се зајакне транспортот на пациентите болни од Ковид -19 до болничките капацитети. Во текот на следните денови се очекува да бидат отстапени уште две возила од Армијата кои ќе се користат за другите градови.
– Притисокот е голем и неопходен е брз транспорт. Оваа помош е драгоцена и ќе биде важна бидејќи ќе го зголеми бројот на тимови кои ќе бидат на располагање за транспорт на пациенти. Здравствениот ситем веќе неколку денови по ред е под огромен притисок. Ситуацијата е критична. Утринава имавме координативен состанок со директорите на интерните клиники и договаравме распоред на пациенти и дполнителни болнички капацитети. Формиран е дополнителен тим којшто е одговорен за третманот на пациентите на интерните клиники, истакна Филипче.
За заштита на граѓаните и здравствениот кадар е и вакцинацијата против сезонски грип. Сезонава првпат е овозможено бесплатната вакцинација на здравствените работници да се спроведува во нивните матични установи, наместо да одат како и досега во Центрите за јавно здравје. Започна и вакцинацијата на ризичните категории граѓани, кои можат да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар. Министерството за здравство потенцира дека за оваа година, набавени се 40 илјади дози, 12 илјади дози повеќе од минатата година.